[Галерија] Илустрации на црногорска уметница укажуваат на секојдневни навредливи коментари

„Немој да поставуваш прашања кои не сакаш да ти ги постават тебе“, гласи мотото на новиот уметнички проект на Андријана Вешовиќ, визуелна уметница од Подгорица, Црна Гора. Проектот, составен од 14 илустрации има за цел да укаже на најчестите навредливи забелешки за нечиј физички изглед.

„Што ти е тоа по лицето?“, „Зошто си се здебелила толку?“, „Нели ти е гардеробава малку прешарена?“ се само дел од прашањата на кои е ставен акцент на илустрациите, кои Вешовиќ ги објави на нејзината Фејсбук страница.

На нив се прикажани одредени делови на женското и машкото тело, облека и слично, проследени со незгодни и често навредливи прашања упатени кон тие делови.

Проектот има за цел да ја подигне свеста кај луѓето за многуте вакви незгодни забелешки кои се упатуваат, а кои намерно или ненамерно можат да остават последици и значително да ја намалат самодовербата кај нив.

„Немој да коментираш нечиј изглед, особено ако личноста не може тоа во истиот момент да го промени.“, вели уметницата. „Немој. Само немој.“

„Никој не сака да има акни и белези. Никој не сака неговата килажа да го дефинира. Никој не сака да биде осудуван поради неговиот физички изглед или стил на живот.“, додава таа.

„Се имаш себеси“, подвлекува Вешовиќ. „Нема потреба да бидеш некој друг.“