Фотографот Бенџамин Вон Уонг од Монтреал, со својот проект Mermaids Hate Plastic (Сирените мразат пластика) се обидува да ја зголеми глобалната свест за загадувањето на океаните и морињата со ѓубре.
Статистички, еден жител на Северна Америка користи околу 167 пластични шишиња годишно, а додека наполни 60 години, ќе има употребено околу 10 илјади. Поради тоа, Вон Уонг позајмил 10 илјади пластични шишиња од Центарот за менаџмент со ѓубре Томра, однел се во складиште и започнал да работи со голема група соработници.
Во период од неколку дена, успеал да ги извадат етикетите и капачињата и да ги исчистат сите шишиња, со помошта на десетина волонтери.
„Промените се случуваат кога индивидуи се сплотуваат за да се борат за нешто во што веруваат“, вели фотографот.
Крајниот резултат е серијал со вчудовидувачки и естетски богати фотографии, кои зборуваат за проблемите со загадувањето. Дополнително, фотографот започнал и завет за повторно користење на пластичните шишиња на Change.org.
Пластиката во океаните предизвикува многу повеќе од загадување на водата. Ослободува токсини кои можат да ги загадат изворите со вода, а негативно влијае и на квалитетот на воздухот.