[Галерија] Енергична прва вечер на ОФФест

Моќен и енергичен почеток на првата вечер од скопскиот фестивал OFFest, кој вчера започна во Младинскиот културен центар. Фестивалот на публиката и даде уникатна можност за само неколку часа преку одличната музика да прошета во Јужна Кореја и Мали.

Атмосферата ја загреа Jambinai – пост-рок/ворлд-мјузик состав, чија музика содржи некои од најиновативните звуци на азиската андерграунд-сцена. Носејќи ја корејската традиционална музика во 21 век, извонредните композиции на Jambinai ги комбинираа хипнотичките звуци на минатото со елементи на фолк, метал и на електронска музика.

Бендот е формиран во Сеул, Јужна Кореја, во 2009 година од Илву Ли на гитара и пири (обоа), Боми Ким на хаегум (жичен инструмент што наликува на виолина) и Еун Југ Сим на геомунго. Тие звукот создаден на инструменти со милениумска традиција го спојуваат со дисторзивни гитарски акорди и со електрични ефекти во единствена енергична атмосфера.

По кратката пауза, инстант веселите звуци на Bassekou Kouyaté & Ngoni Ба веднаш ја разиграа публиката. Преку спојот на традиционалната и модерната музика од Мали, нивниот енергичен афро-рок ги подгреа страстите на присутните.

Bassekou Kouyaté & Ngoni Ба е состав што го револуционизира звукот и изведувачките можности на „нгони“, инструмент што прилега на лаута со суштинско значење за културата на племето Гриот од Мали. Гриотите се почитувани музичари и раскажувачи, чија лоза се протега векови наназад. Басеку Кујате од почетокот на својата кариера, преку создавањето претходно нечуени мелодии и ритми изведени на четири поврзани (наместа електрични) нгони, ја искажува својата почит кон минатото, кое радикално го пренесува во иднината. Впечатливиот четврти по ред албум „Ba Power“ го означува врвот во кариерата на бендот . По две години од светската турнеја со албумот „Jama Ko“, Ngoni Ba го засилува и динамички го збогатува својот звук, а маестралниот Басеку постигнува ново ниво на интензитет, што единствено може да се нарече афро-рок.

Дел од атмосферата на синоќешниот концерт погледнете во фото-галеријата на Радио МОФ: