[Галерија] „Драги најбарани криминалци…“, разгледници од Европол во полициска кампања

„Драг Марко, му недостигаш на Јадранското Море. Дојди да пловиш со нас, на пат кој никогаш нема да го заборавиш. Се најдобро. Полицијата“. Вака гласи разгледницата за Хрватска од новата кампања на европската полициска агенција Европол.

Преку вкупно 21 различни разгледници Агенцијата сака да помогне на националните полициски служби да ги фатат некои од најбараните криминалци кои се наоѓаат во бегство.

Иако не е за верување дека повиците за враќање дома успешно ќе ги привлечат бегалците кои се бараат со европска потерница, Европол се надева дека разгледниците ќе се споделуваат на социјалните медиуми.

„Додека многу од нас уживаат во заслужениот летен одмор, криминалците не одмараат од злоделата“, соопштуваат од Европол.

Од Агенцијата информираат дека освен илустрациите со убави детали од земјите членки на Европската Унија, новите разгледници ги прикажуваат и личните податоци и фотографиите на најбараните криминалци во бегство кои, преку традиционалните истражни мерки, досега не биле лоцирани.

„Чао Марко. Дали не ти недостига вкусот на вистинската италијанска кујна подготвена со љубов од некој кој те сака? Врати се на сончевите брегови од Италија за навистина автентично искуство кое нема никогаш да го заборавиш“, пишува на разгледницата од италијанската полиција до 37-годишниот Марко Ди Лауро, кој се бара за убиство, трговија со дрога и грабеж.

Финска го бара осудениот за фалсификување и измама Јако Илари Нурминен, со порака: „Знаеме дека си мајстор за фалсификати, но има само еден вистински Дедо Мраз… и сака да се вратиш“.

Пораката од романската полиција до Георге Клапон гласи: „Драг Георге, Грофот Дракула ја слави годишната вампирска парада и ти си поканет. Дојди навечер. Те чекаме“.

Австриската полиција разгледницата ја испраќа до 61-годишниот Тибор Фозо, кој е баран под сомнение за убиство: „Поздрав Тибор. Не сме се виделе долго време! Имаме останато уште едно место на нашето ски-патување. Ајде врати се назад за да уживаш на нашите прекрасни Алпи“.

Унгарците го бараат Виктор Микош, осуден за злоупотреба на наркотични средства: „Здраво Виктор. Знаеме дека сакаш зачинети работи, па ти подготвивме специјален гулаш за тебе. Врати се. Со почит, полицијата“.

Локалната полиција на Артур Бавроцки, баран за трговија со дрога во Белгија, му пишува: „Белгискиот помфрит е најдобар и знаеме дека ти недостига. Врати се за да уживаш во него – имаме убаво изненадување за тебе“.

Скотланд Јард, сепак, е подиректна во својата порака до Дејвид Даниел кој е осуден за повеќе случаи на злоупотреба на деца, придружена со слика од традиционалната црвена телефонска кабина: „Здраво Дејвид. Сакавме да те контактираме бидејќи има уште толку многу да поразговараме. Јави се најбргу што можеш!“.

„Дестинациите за одмор се докажани како многу популарни места каде се кријат криминалците во бегство… Колку повеќе се гледаат разгледниците, толку поголеми се шансите полицијата да ги лоцира овие криминалци и да ги стави зад решетки“, велат од Европол.

Социјалните медиуми се клучен дел од напорите на агенцијата прекугранично да помогне на националните полициски служби. Посебен вебсајт, со фокус на најбараните криминалци, беше подигнат на почетокот на 2016 година и имал над 2,5 милиони различни посетители.

Сите разгледници можат да се најдат ОВДЕ.