[Галерија] Четврти ден антивладин камп: Оваа Влада е нелигитимна

За да се врати демократијата во оваа земја политичарите мора да сфатат дека треба да му служат на народот и дека треба, како и сите други граѓани на оваа земја, да одговараат за своите дела, истакна во своето обраќање во антивладиниот камп Уранија Пировска, директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

„Ќе ви кажам зошто немав дилеми кога протестирав за убиството на Марин Нешковски, зошто немав дилеми кога протестирав за апсењето на Кежаровски, зошто протестирав заедно со паркобраните, зошто протестирав кога умре малата Тамара поради бескурпулозноста на иституциите. Сите тие случаи ги отсликуваат симптомите на овој режим. На режимот наречен диктатура. Се жештам затоа што секој ден граѓаните што доаѓаат да ја побараат мојата, да ги остарат своите права гледам дека се беспомошни затоа што знаат дека институциите веќе не им служат ним, им служат на партиите“, посочи Пировска.

Нови шатори никнаа пред Владата на четвртиот ден од поставувањето на антивладиниот камп каде заедно се веат десетици македонски знамиња, но и албански, турски, ромски…

Камп пред Влада

Стотици граѓани спијат пред владината зграда со барање за оставка на Владата и премиерот. Поддршка денеска во своите обраќања им дадоа и новинарката Ида Протуѓер, аналитичарот Рамадан Рамадани, поетот Митко Гогов и потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски.

„Јас не се согласувам Мартин Протoѓер да ми ги диктира вестите и не се согласувам да бидам во некое списоче и тефтерче на Горде. Сакам да живеам во општество со слободни институции кои ќе ги штитат нашите права, а нема да ги штитат клептократите на власт и нема да им дозволат на наша сметка и во наше име да се задолжуваат“, рече Ида Протугер.

Во своето обраќање на албански и на македонски јазик, Рамадани посочи дека оваа влада е нелигитимна и побара оставка.

„Целата Влада, сосе рамковниот , треба да знаат дека треба што побрзо да си заминат оттука и да ни ја ослободат и државата и владата и мерцедесот“, рече Рамадани кој додаде дека во Македонија уште има чесни и праведни луѓе што ќе се изборат за правда.

Дамјан Манчевски од СДСМ истакна дека ова е борба со власта за правда, слобода и подобар живот, додека поетот Гогов побарасите да и кажат доста на оваа влада. На бината во антивладиниот камп говореа и граѓаните кои преку личните приказни појаснија зошто бараат оставка од Владата.

Вечерва во кампот присутните времето го исполнија со караоке забава со водителот Огнен Јаневски, по што следеше музички перформанс на Златко Ориѓански со актерите од претставата „Солун град на духови” и филмска проекција.

Кампот вечерва го посети и опозицискиот лидер, Зоран Заев по вчерашната средба во Стразбур со Никола Груевски која траеше десет часа.