[Галерија] Бегалците и нивните најскапоцени предмети

Габриел Хил, фотограф од Базел, Швајцарија, поканил бегалци од сите страни на светот во неговото студио, и побарал од нив да го донесат најзначајниот предмет кој го понеле со себе на нивното патување до безбедност. Често, тоа е и единствениот предмет кој го имале.

Проектот на Хил е избран за еден од седумте финалисти за најдобро швајцарско дело во слободна категорија.

Ширин, 21, побегнал од Авганистан во 2010

„Живеам во Швајцарија веќе две години. Моето семејство можеше да си дозволи само едно патување надвор од државата, па овде сум сосема сам. Многу е скапо да се оди од Авганистан, па не можат да ми се придружат овде.

Кога си заминав од дома, татко ми ми даде мобилен телефон. Овој мобилен телефон и алиштата кои ги носев беа единствените нешта кои можев да ги земам со мене.

Благодарение на него, можев да контактирам со моето семејство и да им кажам дека пристигнав безбедно. Ми даваше и чувство дека не сум сам. Многу е значаен за мене“.

Сејла, 33, побегнала од Босна во 1992

„Кога бев мала, татко ми често патуваше во Африка за да работи. Еднаш, кога имав три години, му побарав да ми донесе вистински мајмун, но ми донесе плишано зајаче кое ми го купил при транзит на аеродромот во Цирих.

Го носев тоа зајаче секаде. Кога почна војната, се се случи така брзо, и не можев ниту да сфатам што се случува, ниту пак што сакам да понесам со себе кога побегнавме. Затоа го заборавив моето зајаче кога заминавме. Татко ми остана во Босна, и му напишав многу писма во кои го прашувам дали го нашол, и дека многу ми недостига.

Не можам да ви опишам како се почувствував кога го видов татко ми после три години, во 1995 година. Цело тело ми се тресеше кога му го видов лицето на аеродромот во Цирих, и кога видов дека го носи моето зајаче“.

Таги, 27, побегнал од Иран во 2011

„Пред пет години, морав да си одам од Иран. Единствените нешта кои можев да ги земам со себе беа она што го собираше во џебовите на моите панталони.

После неколку месеци, пристигнав во Швајцарија. Поголем дел од патувањето го поминав пешки. Често се случуваше да мора да преминеме река на гумен чамец.

Со себе ги зедов само овие три фотографии. Секоја од нив ме потсеќа на различно време од мојот живот пред да морам да побегнам – времиња за кои имам топли сеќавања. Би зел повеќе нешта доколку можев тогаш, но немав можност“.

Јусуф, 20, побегнал од Еритреја во 2014

„Бегството од Еритреја беше многу долго и исцрпувачко. Пешачење со денови, држење во заробеништво во неколку земји и поминување на една од најголемите пустини во светот не направија тоа да биде лесно патување. Сепак, имавме среќа. Сите преживеавме.

Со себе понесов некои лични предмети, но морав да ги фрлам повеќето од нив пред да ја преминам пустината, за да можам да земам што е повеќе шишиња со вода. Зачував мала тетратка со телефонски броеви и неколку фотографии од моето детство.

Телефонските броеви беа многу важни, бидејќи неколку пати бев затворен и морав да им платам на моите заробеници пари за да ме пуштат. Имам среќа што имам вујко во САД, па тој ми праќаше пари за да можам да отплатам. Тоа го направи неговиот телефонски број најважното нешто во мојот живот“.

Назим, побегнал од Авганистан во 2011

Пред пет години, морав да си одам од Авганистан. Учев за полицаец таму, но накратко откако почнав да работам, бев принуден да ја напуштам државата.

Имав ранец со се што имам со мене, но криумчарите ми рекоа да го фрлам. Единственото нешто што ми остана е оваа мала книга од полициската академија и ланче кое ми го даде мајка ми.

Отсекогаш сонував да станам полицаец. Оваа мала книгичка е се што ми остана од тој сон“.

Ахмет, 23, побегнал од Еритреја во 2013

„Се качив на брод во Либија, кој требаше да не однесе до Италија. Не можев да земам ништо друго освен облеката на мене и мало парче хартија со телефонскиот број од моето семејство на него. Ми рекоа да им се јавам веднаш штом стигнам во Италија. На пола пат, бродот се преврте и потона. Облеката ми беше мокра и тешка, па морав да ја соблечам. Исчезна во морето, заедно со телефонскиот број. Преживеав заедно со уште 200 други луѓе. Повеќе од 250 луѓе на тој брод се удавија.

Неколку месеци подоцна, најдов некој во Швајцарија кој го најде бројот на моето семејство. Мислеле дека не сум преживеал. Ова парче хартија сега е најскапоценото нешто кое го поседувам“.

Марија Тереза, 62, побегнала од Конго во 2008

„Морав да го напуштам домот за една секунда. За жал, немаше време да земам ништо“.

Рохула, 24, побегнал од Авганистан во 2010

„Бев многу мал кога татко ми беше убиен, па едвај имам сеќавања од него. Секогаш носеше златно ланче, а откако умре, мајка ми ми го даде мене.

Дојдов во Швајцарија сам, а ова ланче е се што имам од моето семејство и татковината. За мене значи се – прави да се чувствувам дека не сум сам и дека татко ми е секогаш со мене“.

Фархад, 27, побегнал од Авганистан во 2007

„Спакував нешто од дома, но криумчарите ми рекоа да фрлам се. Немав срце да ја фрлам сликата од мајка ми, па ја сокрив под облеката. Не сум ја видел откако заминав, па оваа фотографија е многу значајна за мене“.

Винаситамби, 64, побегнал од Шри Ланка во 1984

„Морав да го напуштам мојот дом во Шри Ланка во 1984 година. Пешачев поголем дел од патот, но за да стигнам до Швајцарија, морав да патувам и со брод, авион и воз.

Бидејќи морав да го оставам цело семејство зад себе, овие фотографии беа единственото нешто што е важно за мене, и среќен сум што можев да ги понесам. На фотографиите, може да ги видите моите родители, брат ми и сестра ми, која сега е почината“.

Мигмар, 59, побегнал од Тибет во 1959

„Во 1959 година побегнав со татко ми, мајка ми, сестра ми, баба ми и дедо ми, од Тибет во Индија. Тогаш имав две години, иако не го знам точниот ден на кој сум се родил. Пристигнав во Индија само со татко ми, баба ми и дедо ми – мајка ми и сестра ми ги изгубивме по патот.

Најзначајните предмети кои ги имавме со себе беа факелите, кои ни го осветлуваа преминот преку Хималаите“.

Сулејман, 18, побегнал од Авганистан во 2014

„Ми требаа речиси девет месеци да пристигнам во Швајцарија. Сакав да одам со брод од Турција до Грција, но постојано не фаќаше грчката крајбрежна стража и не враќаше во Турција. Се обидов пет пати. Еднаш бродот потона.

Од се што земав со себе, остана само овој мобилен телефон. Мајка ми ми го купи пред да си одам од Авганистан – потроши на него околу 3000 авгани. Тоа е половина од месечниот приход на целото мое семејство.

Телефонот беше единствен начин да му кажам на семејството до каде сум на патувањето и дека сум добар. Мајка ми беше многу загрижена, па повик од време на време помагаше да се смири. Ми помагаше и мене, да се чувствувам побезбеден и помалку осамен“.

Махмуд, 20, побегнал од Либан во 2014

„По потекло сум Палестинец, но побегнав од Либан. Пред неколку години, преминав од ислам во христијанство и свештеник ми ја даде Библијава. Во текот на патувањето, бродот на кој се наоѓав се  расипа, и криумчарот ни нареди да фрлиме се што имаме. Некако успеав да ја сокријам мојата Библија. Тоа е мојот највреден предмет и ми дава сила во тешки моменти. Беше потопена во морска вода, но сега е сува, па не сакам нова.

Овде во Швајцарија, живеам во азил со муслиманско мнозинство. Моето семејство е единственото кое ја смени религијата. Затоа не можам да си го покажам лицето – живеам двоен живот“.