[Галерија] Астрономска фотографија на годината 2016

Победничките фотографии на овогодинешниот конкурс за најдобра астрономска фотографија на годината беа објавени минатата вечер во Кралската опсерваторија во Лондон. Според судиите, голем бил предизвикот да се избере меѓу илјадниците спектакуларни фотографии кои ги добиле од натпреварувачи од сите страни на светот.

Добитник на главната награда е кинескиот астрофотограф Ју Џун, за фотографија од затемнување на сонцето, на која се гледаат ткн. Бејлеви прстени. Ова е ефект кога рапавата површина на месечината пропушта сончеви зраци кои се видливи во текот на помрачувањето. Џун ја овековечил неверојатната глетка после неколку обиди на целосното помрачување кое се случи на 9 март 2016 во Лувук, Индонезија.

„Ова е визуелно толку трогнувачка слика, бидејќи огнените лакови се перфектно балансирани околу сосема црниот круг“, изјавил судијата на натпреварот и астроном во Кралската опсерваторија, д-р Марек Кукула.

Освен фотографијата на Џун, во категоријата „Небесен пејзаж“ е наградена фотографијата на британецот Ејнсли Бенет, кој уловил пејзаж од село, каде маглата ја зголемува светлината на Венера и полумесечината.

Во категоријата „Луѓето и вселената“, победник е Винг Ка Хо од Хонг Конг, со фотографијата „Градски светла“.

Во истата категорија, наградена е „Мудар син прави горд татко“, на која Масаи воин го учи својот син за ѕвездите. Фотографијата, направена од Робин Стјуарт од Кенија, била особено пофалена од жирито.

Победник во категоријата „Ѕвезди и небула“ е британскиот фотограф Стив Браун со „Ѕвездата виножито“, композиција на снимки од Сириус инспирирана од поп-арт правецот.

Уште една фотографија која вреди да се спомне е „Обратна месечина“ од Брендан Девин, кој ја доби наградата Млад астрономски фотограф на годината 2016. Тинејџерот од Чикаго направил одлична фотографија од месечината, а потоа ја свртел наопаку, произведувајќи уникатен поглед од нашиот сателит на која можат да се видат детали кои вообичаено не можеме да ги видиме.

Во галеријата подолу, уште некои од фотографиите со специјално признание: