Од здружението за заштита на животни известуваат за среќен крај на три мали волчиња и потврдуваат за нивна безбедност, откако младенчињата беа огласени на социјалните мрежи.
„Среќни сме да ве информираме за спас на три младенчиња волци и јавно се заблагодаруваме на Државниот инспекторат за ловство, инспекторите, како и на граѓаните кои ни го пријавија овој случај, давајќи ни доволен број конкретни информации за да може да постапиме. Потврдуваме дека волчињата се на сигурно“, известуваат од „Анима Мунди“.
Од здружението потенцираат дека волкот е богатство на шумите и планините, интелигентно, храбро, верно животно кое гради силни социјални врски (живот го минува најчесто во моногамна врска со еден партнер, се грижи и до две години за своите младенчиња) и не е никаков штетник. Тие бараат итно да се укине таквиот статус кој волкот го има во Македонија, со кој како вид е доведен до раб на истребување.
„Штетници не се волците туку оние кои ги гонат, деградираат нивните живеалишта, им упаѓаат во животната и природна територија наоружани до заби и кои ги убиваат или одземаат нивните младенчиња од забава и за профит“, додаваат тие.
„Анима мунди“ на својот Фејсбук профил објави дека трите спасени волчиња претходно биле огласени за продажба на социјалните мрежи.