[Галерија] 4-метарска игла поставена во Штип како симбол за правата на текстилните работнички

Шивачка игла од четири метри вчера беше поставена во Штип. Оваа уметничка инсталација треба да ги симболизира правата на вработените во текстилната индустрија.

„Иглата има за цел да го претстави текстилот како гранка на која почива градот, но исто така и гласот за потребата од подобри услови за вработените во овој сектор“, велат од Гласен Текстилец, кои го организираат настанот „Текстилијада 2019“ во чии рамки беше поставена инсталацијата.

Во рамките на повеќедневната манифестација, ќе бидат прикажани работнички документарни филмови, ќе има серија дебати, изложби, а предвидена е и регионална конференција на тема „Позитивни примери од регионот“.

Џиновската игла е креирана во соработка со Центарот за современи уметности и тимот на урбанистички уметнички акции и академскиот скулптор Андреј Митевски и Никола Писарев.

Фотографиите се преземени од Фејсбук страницата на Гласен текстилец.