[Галерија] 12 портрети ја испраќаат пораката дека не постои „машка работа“

Фотографот Крис Крисман бил заинтересиран кога слушнал дека пријателка на негова пријателка ја напуштила својата работа како веб-дизајнерка во Њујорк за да биде месарка во Филаделфија. Оваа информација била доволна за Крисман да замине за Филаделфија и да ја фотографира Хедер Томасон во својата месарница.

„За време на фотосесијата, Хедер, мојот продуцент и јас имавме одличен разговор за жените кои работат во полиња што се потрадиционални и каде доминираат мажите“, вели Крисман за Хафингтон пост.

„Од разговорот сфативме дека можеме да добиеме добар производ“, рече тој, додавајќи дека така се родил неговиот проект насловен „Женска работа“.

Во фотосеријата што Крисман ја започна во февруари, учествуваат жени од целата држава, кои вршат работа што досега се сметала за „машка“. Па така, може да се забележи жена која работи на фарма со свињи во Пенсилванија, ловџика на јастози од Мејн и пожарникарка во Охајо.

Крисман вели дека субјектите во неговите фотографии ги наоѓал случајно, а некои преку лични познавања.

Во интервју, фотографот вели дека како татко на 4-годишен син и 2-годишна ќерка, се надева дека овие фотографии ќе бидат предизвик за традиционалните родови норми.

„Јас бев израснат со верувањето дека можам да бидам што сакам кога ќе пораснам. Сакам да испратам слична порака на моите деца и без ограничувања“, вели Крисман.

„Сакам да ги одгледам моите деца знаејќи дека нивните соништа немаат граници и дека имаат родители кои ги поддржуваат да се впуштат во нешто што уживаат“, додава тој.

Овој фотограф се надева дека младите луѓе, особено жените, ќе сфатат преку овие фотографии дека родот не треба да го диктира професионалното определување.

Во продолжение, дел од неговите портрети направени за проектот „Женска работа“.