[Галерија] 100 пораки за 100 дена од трагедијата во Кочани поставени низ центарот на Скопје

Денеска, на 24 јуни, кога се навршија точно 100 дена од трагедијата во Кочани, низ центарот на Скопје и пред клучни институции граѓанската иницијатива „Кој е следен?“ постави 100 пораки на незадоволство – „по една за секој ден во кој институциите молчат, не преземаат одговорност и не обезбедуваат помош“.

„Акцијата беше гласен и видлив потсетник дека: родителите и преживеаните сè уште не добиле никаква поддршка; надлежните молчат и ги замолчуваат тие што преживеаја; обвиненијата селективно ги заобиколуваат најмоќните, блиски до власта; собранието гласаше против финансиска поддршка за семејствата на жртвите“, посочуваат од „Кој е следен?“

Овие 100 пораки, додаваат оттаму, го претставуваат гласот на оние кои не се слушнати – гласот на болката, разочараноста и барањето за правда.

„Тие се сведоштво дека граѓаните не забораваат, и нема да престанат да бараат одговорност, се додека: системот не проработи, настраданите не добијат поддршка, а правдата не ги стигне и оние на највисоки позиции“, поентираат од иницијативата.

Фото: „Кој е следен?“