„Furnitureismus“ – изложба на креaтивен мебел на Тања Добровицки во Скопје

Од 11-ти до 17-ти декември во „MAD kitchen & bar“ во Дебар Маало, LifeStyleFactory на дизајнерката Тања Добровоцки ќе има своја самостојна изложба за креативен мебел насловена како “Furnitureismus“. Изложбата, свечено ќе биде отворена во четврток (11 декември) во 19 часот.

Целта на „Furnitureismus“ според дизајнерката е да се донесе Берлин и кај нас. Односно, сѐ што беше презентирано во „Прима Центарот Берлин“ на „Postwalterismus“ изложбата, да им се претстави и на домашните љубители на архитектурата и дизајнот.

„Значењето на секое учество и соработка надвор од нашата држава е многу поголемо доколку се сподели со лицата кои го исполнуваат моето секојдневие. Моето дејствување и создавање како дизајнер и архитект е во Македонија, така да сметам дека за интернационалните проекти на „LifeStyleFactory“ луѓето од тука не треба да се информираат само од медиуми. Токму и затоа се прави оваа изложба, за да може секој да дојде и да ги види моите дизајни, бидејќи пред сѐ истите се создадени за нив и инспирацијата е добиена од ова тло.“ – изјави Тања Добровоцки.

Посетителите на „Furnitureismus“, покрај видеото, 18-те предмети во форма на макети и чиниите со карактеристични македонски етно мотиви кои беа претставени на „Postwalterismus“ изложбата во Берлин, ќе можат да видат и неколку други предмети кои ќе бидат поставени специјално за оваа изложба. Исто така, како благодарност, секој од посетителите ќе има можност да добие уникатно идејно решение за парче мебел, дизајнирано според нивниот карактер и нивните желби.