Функционерите на минимална плата, субвенции за компаниите – Владата објави мерки за кризата со коронавирусот

Владата денеска го донесе вториот пакет економски мерки за справување со економските последици од кризата со новиот коронавурс. Според нив целта е да се сочуваат колку што може повеќе работните места на граѓаните и да му се помогне на стопанството.

Меѓу мерките, кои ќе важат за месеците април и мај, се предвидува сите избрани и именувани функционери на државно и локално ниво да земаат минимална плата од 14.500 денари, субвенции од 14.500 денари месечно по работник на компаниите погодени од кризата, помош за спортистите и самостојните уметници во износ на минимална плата, надоместок во износ на 50% од просечната плата на работникот на оние кои загубиле работа поради кризата, брз влез во системот на социјална помош за луѓето кои се занимаваат со неформална економија, запирање на законот за извршување, како и одложување на кредитите кај банките.

„Голем број од нашите граѓани не одат на работа, нашите деца не одат во градинките, на училиште, на факултетите. Со првите мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, мораше да биде прекинато работењето на голем број мали и средни претпријатија. Ова е нашиот паралелен фронт. Фронтот на кој ќе му се спротивставиме на коронавирусот за да го ублажиме економскиот удар. Фронт кој го отвораме за да обезбедиме функционирање на буџетот во секое сценарио на кризна економска состојба, за да обезбедиме ликвидност и финансиска инјекција за стопанството преку мерки за помош на работниците и стопанството, и да се сочуваат колку што може повеќе работните места на граѓаните“, изјави Премиерот Оливер Спасовски.

Владата соопшти и дека ќе се формира солидарен COVID-19 фонд, задолжително ќе треба да се искористи првиот дел од годишниот одмор, односно доискоростување на годишниот одмор од минатата година заклучно со мај 2020 година, а ќе се укине надоместокот за претседателите и членовите на управни и надзорни одбори на јавни институции, како и општинските советници кои се вработени на друго место.

Целосниот сет мерки на Владата може детално да ги погледнете на следниов ЛИНК.