„Funk Shui“ настапуваат на јубилејното издание на „Здраво млади“

Домашните Funk Shui премиерно ќе настапат на овогодинешното, 10 по ред издание на фестивалот.

На досега најавената програма во чиј склоп ќе настапат инди-рокерите  „Efterklang“, свежата психоделија од Истанбул „Lalalar“, „Viagra Boys“ од Шведска и британското пост-панк трио „Shopping“, се приклучуваат и домашните „Funk Shui“.

Овогодишното издание на „Здраво млади“ ќе се одржи на 27 август во Парк МКЦ. Фестивалот ќе биде реализиран со строго почитување на Протоколот за организација на настани, усвоен на 73. Седница на Владата.

„Funk Shui“ започнува со креирање на музика во 2010 година, а етаблирањето на македонската сцена го постигнуваат пред сѐ преку двата студиски албуми „Етер“ (2012) и „R.E.M“ (2015).

Бендот остварува бројни соработки со домашни артисти, вклучувајќи ги „Чиста околина“, „Љубојна“,„Pluto’s Doubts“, а воедно и странски артисти како „Buč Kesidi“ од Србија и „Samanthamaya“ од Словенија.

Синглот „Метеори”, кој е најава за новиот албум, беше споделен на крајот на мај и веќе на почетокот на јуни се искачи на музичките топ-листи, станувајќи воедно и песна на неделата на хрватскиот влијателен портал muzika.hr.

Во бендот тековно членуваат Лука Ѓоргиевски (вокал, пијано и гитара), Давид Николовски (тапани и перкусии), Михаил Намичев (бас-гитара, пијано и вокал), Драги Иванов (гитара и вокал) и Стефан Момиќ (перкусии).

Билетите по цена од 500 денари се достапни на билетарницата во МКЦ и онлајн.