Фронт за слобода на изразувањето: Владата да ги повлече медиумските закони

Последните настани околу предлог-законот за медиуми и наводниот договор меѓу Министерството за информатичко општество и администрација и ЗНМ, за промени во предложениот законски текст, недвосмислено покажуваат дека Владата сака, пред новогодишните празници, брзо, зад затворени врати, без широка јавна расправа и без меѓународен мониторинг, да биде усвоен законот за медиуми, се вели во реакцијата на Фронтот за слобода на изразувањето.

Фронт за слобода на изразувањето: Владата да ги повлече медиумските закони

Тие изразуваат сериозна загриженост за намерата на власта, по секој цена и што побрзо, да го донесе законот за медиуми.

„Едновремено, нè вчудовидува и поддршката што меѓународната заедница му ја дава на овој нетранспарентен процес на експресно донесување на медиумските закони особено, затоа што, токму Европската комисија, неодамна, јасно и недвосмислено порача дека треба време и сеопфатна согласност за да се донесат законите за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги. Имајќи ги предвид предложените законски решенија, но и ставот на поголемиот дел од новинарите, Фронтот смета дека тие ќе бидат штетни за слободата на медиумите односно ќе претставуваат дополнителна засилена контрола врз медиумите и новинарите во државава“, велат од Фронтот за слобода на изразувањето.

Фронтот бара од власта да ги повлече предлог-законите и да создаде амбиент за непречено и слободно функционирање на медиумите и на новинарите во Република Македонија.

Фронтот за слобода на изразувањето е широка платформа составена од поединци, организации, институции и неформални групи кои функционираат како неформална мрежа со заедничка цел – зачувување и унапредување на основното човеково право – слободата на изразување во, првенствено во Македонија, но и секаде во светот.

Фронтот го сочинуваат следните граѓански организации: Хелсиншки комитет за човекови права на РМ, Центар за развој на медиуми (ЦРМ), Метаморфозис, фондација за интернет и општество, Цивил – Центар за слобода, Фондација Отворено општество Македонија (ФООМ), НВО Инфоцентар, Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“- Скопје, Македонски центар за европско образование (МЦЕО), Јавност – Центар за нови политики и слобода на медиуми, Јадро – Асоцијација на независна културна сцена, Здружение на граѓани Контрапункт.