Фронт 21/42: Спроведување на препораките од УНЕСКО или когнитивна дисонанца

Во продолжение во целост ви ја пренесуваме анализата на „Фронт 21/42“ за последните настани поврзани со спроведувањето на препораките од УНЕСКО:

Според Агендата, објавена на интернет страницата на Собранието, на 02.03.2021 на дневен ред беше Предлог-законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, по скратена постапка. Членот 4 во овој закон се однесува на бесправно изградените објекти во Охридскиот Регион и гласи: „Одредбите на овој закон не се применуваат за сите видови на бесправни објекти изградени во границите на Охридскиот регион… за кои во Студиите за оцена на влијанијата врз животната средина и Студиите за оцена на влијанија врз културното наследство, кои се спроведуваат согласно препораката број 9… е утврдено дека ќе ги загрозат Исклучителните универзални вредности на доброто…“ Навидум се е во ред. Законот е во согласност со препораката, која налага: итно (во 2017 г.) стопирање на легализацијата на дивоградбите, изработка на инвентар на дивоградби, спроведување на оцена на влијание врз животната средина и оцена на влијание врз културното наследство, рушење на сите дивоградби за кои ќе се утврди дека имаат негативно влијание врз вредностите.

Само што…

„Студиите за оцена на влијанијата врз животната средина и Студиите за оцена на влијанија врз културното наследство кои се спроведуваат согласно препораката број 9 “ – не се спроведуваат. Следствено – нема дивоградби за кои е „утврдено дека ќе ги загрозат Исклучителните универзални вредности на доброто…“ Судејќи по овогодишниот Извештај кој државата го испрати до Центарот за светско наследство, студиите нема да почнат да се спроведуваат ни во догледно време:

„Изработката на Оцена на влијанијата врз животната средина и културното наследство претставува голем предизвик поради немање национална методологија ниту правна основа за спроведување на оваа активност. Се разгледува можноста за инкорпорирање на изработка на Оцена на влијанијата врз животната средина и културното наследство во националната легислатива како и можноста да се побара советодавна мисија на УНЕСКО“.

Правна основа за оцена на влијанието врз животната средина има повеќе од една деценија и постапката е спроведена многу пати. Важно е да се истакне дека овој процес (на оцена на влијание врз животната средина) наметнува законска обврска за објава на Инвентарот на дивоградби и вклучување на јавноста;

За да се спроведе постапката за оцена на влијание врз животната средина на дивоградбите од Инвентарот – треба да има Инвентар. Кој сега за сега постои само како збор во Извештаите кои нашата Влада ги праќа до Центарот за светско наследство.

Според Извештајот од минатата година, Министерството за транспорт и врски изработило Инвентар на дивоградби во соработка со општините и НП Галичица. Кога го побаравме – добивме одговор дека Министерството не ја поседува бараната информација.

Според овогодишниот, неодамна објавен, Извештај – Министерството за транспорт и врски направило чекор понатаму, по претходно изготвениот(?!) Инвентар и сега „формира Работна група за изработка на акциски план за постапување по инвентарот за бесправно изградени објекти во Охридскиот регион. Работната група ја започна својата работа и се работи на ажурирање на инвентарот на бесправни градби, нивно мапирање по што ќе следи постапката на уривање“.

Се уште немаме информации за работната група на Министерството, за Инвентарот, за кој лани ни одговорија дека го немаат, но активноста не потсетува на „работната група за Коридорот 8“.

Според Извештајот од 2020, оваа група беше формирана од Владата. По неколку месеци барања за информации и докази, жалби до Агенцијата за слободен пристап до информации, итн. – од Владата ни одговорија дека таква работна група никогаш не е формирана.

Уште нешто забележуваме во овој дел од Извештајот – работната група ќе го ажурира Инвентарот и веднаш ќе започне со рушење. Рушење на објекти без оцените на влијание кои се бараат во Препораката значи прескокнување на законската обврска за објава на Инвентарот и оневозможување на законското право на јавноста да учествува во донесување на одлуките.

Можеби ова е предизвикот?

Поаѓајќи од овие факти, заклучуваме дека новиот Закон за легализација на бесправно изградени објекти (со кој се спроведува Препораката бр. 9 за справување со дивоградбите во светското наследство) нема да претставува пречка за легализација на дивоградбите во Охридскиот Регион – ниту еден објект нема да има негативна (или било каква друга) оцена на влијанието, а општинските одлуки за стопирање на легализацијата на дивоградби веќе не важат.

И Препораката бр. 6, за воспоставување на итен (во 2017) мораториум на било каква урбана и крајбрежна трансформација, успешно се спроведува од 2019 наваму. Пред да се разгледува во Баку впишувањето на Охридскиот Регион во Листата на светски наследства во опасност, според Извештаите кои ги доставуваше државата, имавме законски пречки да воспоставиме Мораториум (слично како што сега имаме за оцена на влијанието врз животната средина), кои се надминаа веднаш после Баку и во август 2019 општините усвоија Одлуки за мораториум. Овие одлуки, како и усвоениот План за управување со Охридскиот Регион, очигледно не претставуваа(т) никаква пречка за новиот хотел кај ресторанот Парк (во непосредна близина на Студенчишко Блато), новиот хотел кај Биљанини извори, дополнителната урбанизација на Елшани, Трпејца, Коњско, итн.

Урбаната и крајбрежната трансформација си продолжува, ама за разлика од претходно сега имаме План за управување со регионот, се си е во согласност со законите и успешно се спроведуваат препораките.

Управувањето со светското наследство во Охридскиот Регион е еден многу необичен лавиринт. И покрај свеста за одговорноста кон целиот свет и сите идни генерации, сите заложби за негово зачувување и исполнување на препораките на УНЕСКО, од страна на сите, многу посветени претставници на власта; и покрај сите нивни планови, одлуки, заклучоци, итн. – уништувањето продолжува, додека сите посветени претставници на сите релевантни институции постапуваат во согласност со законите и своите ингеренции.

Итар Пејо можеби успеал да ги излаже мариовците дека маглата е волна, но се прашуваме дали по крајот на приказната му текнало дека всушност останал сам затоа што ги убил сите соселани кои ги измамил да скокнат во бездната по „волна“?

П.С. СПОДЕЛУВАМЕ ИДЕИ!

Почитувана г-ѓа Стефоска, Министерка за култура и Претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, Во медиумите ја прочитавме Вашата реакција и осуда во врска со новиот хотел кај ресторанот Парк, како и информацијата дека „до Националаната комисија за УНЕСКО, до Управата за заштита на културното наследство и до Завод и Музеј-Охрид нема пристигнато никаков допис или барање за мислење што се однесува до споменатиот објект“.

Сакаме да Ве информираме дека во Комисијата за управување со Охридскиот Регион има 1 претставник на Националаната комисија за УНЕСКО, 1 претставник на Управата за заштита на културното наследство, 1 претставник на Завод и Музеј-Охрид и 1 претставник по предлог на Министерот за култура.

Според Законот за управување со Охридскиот Регион, Комисијата за управување има законско право и обврска да ја следи состојбата, да предлага мерки за подобрување на состојбата со Охридскиот регион, на своја иницијатива и/или по барање на друго правно или физичко лице или орган на државната или локалната власт (член 11). Според истиот член, Комисијата треба да … предлага донесување на прописи и преземање на мерки за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион. Начинот на управувањето е регулирано во чл. 9 и вклучува „спречување на активности кои негативно влијаат врз исклучителните вредности на природното и културното наследство во Охридскиот регион“.

Со други зборови, нема потреба да се чека некој да побара мислење или испрати допис до наведените институции – нивните претставници во Комисијата имаат законска обврска да бидат информирани и соодветно да реагираат со предлог пропис или мерки. Имајќи на ум дека спроведувањето на одлуките на Комитетот за светско наследство (а со тоа и на Препораките на Реактивната Мисија од 2017) е исто така законска обврска која ја наметнува овој Закон (член 4 ст.1) – нема никаква пречка „најострата осуда на непочитувањето на препораките на реактивните мониторинг мисии на УНЕСКО и на прекршувањето на Законот за управување со светското и природното културно наследство на Охридскиот регион, како и на Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион“, да не биде манифестирана во предлог пропис/мерка која ќе ја оневозможи изградбата на овој објект. Дури и да има член во друг закон кој не дозволува ваква интервенција, Уставот е на Ваша страна и обезбедува дека Конвенцијата е над националните закони.

Почитувани г. Стево Пендаровски, г. Зоран Заев, г-ѓа Ирена Стефоска, г. Насер Нуредини, г. Благој Бочварски, г. Константин Георгиески и останати Претставници на сите релевантни институции,

Во моментов се изработува План за управување со НП Галичица – вистинско време за многу лесно изводливи чекори кон исполнување на препораката за справување со дивоградбите! Испратете Ваш допис до тимот кој го изработува Планот, со став дека треба да се вклучи Анекс со инвентар на дивоградби на територијата на Паркот. Општината веќе има табела со сите поднесени барања за легализација од 2011 до денес, многу е лесно да се извадат оние кои се во рамки на Националниот Парк. Анексот не бара ни време, ни пари, ни човечки ресурси, а ќе биде значаен чекор, бидејќи препораката става посебен фокус на дивоградбите во НП Галичица.

Паралелно со процесот на изработка на Планот за управување со НП Галичица, моментално се изработува и оцена на влијанието врз животната средина – ако се додаде Анексот со дивоградбите, без никаков проблем ќе се спроведе оцена на нивното влијание врз животната средина, во процес кој секако се одвива, во согласност со сите релевантни закони и подзаконски акти.

Делокругот на Вашите ингеренции на ниеден начин не спречува/оневозможува да испратите ваков допис и став.

Во врска со хотелот кај Студенчишко Блато (како и тој кај Биљанини извори и други) – не ви се воопшто врзани рацете поради дозволите кои ги дала претходната власт. Дел од Вас учествуваат во Комисијата за управување со Охридскиот Регион, а и за тие кои не се дел од ова тело, Законот за управување со Охридскиот Регион (чл. 11) и наметнува обврска на Комисијата да ги разгледа сите барања за мерки за подобрување на состојбата, добиени од органите на државната или локалната власт, како и обврска да ги вклучи во управувањето документите на органите на Конвенцијата (значи Одлуките, односно Препораките). Се што треба е загриженоста и определеноста за зачувување на статусот на УНЕСКО да ги преточите во барање за мерки до Комисијата.