Фридом Хаус: С. Македонија напредуваше, но останува „делумно слободна“ земја

Северна Македонија е на 97-то место, од 210 светски држави, територии и области според најновиот извештај „Слободата во светот во 2020“ на Фридом Хаус. Иако забележа еден од најголемите скокови во споредба со минатогодишниот извештај, земјава сепак го задржа епитетот „делумно слободна“ земја.

С. Македонија има рејтинг од 63 поени, од максимално можни 100, што е подобрување за 4 поени во споредба со ланскиот извештај. Ова зголемување е најголемо во Европа и е четврто најдобро во споредба со сите светски држави. Единствено африканските држави Судан, Етиопија и Мадагаскар имаат поголеми позитивни промени од 5 рејтинг поени.

Во првичниот текст од извештајот, С. Македонија се споменува во еден сегмент, во кој се потенцирани повеќе држави со изборни процеси минатата година, преку кои се зголемила либералната демократија. Во текстот се истакнува дека „Северна Македонија одржа претседателски избори со добар натпревар меѓу кандидатите“.

Ако се направи споредба со земјите од регионот Словенија е рангирана највисоко (18 место), а Грција (50), Хрватска (56) и Бугарија (69) се држави со статус „слободни“. Пред С. Македонија се наоѓаат и Албанија (88 место) и Србија (93), кои се дел од групата „делумно слободни“ држави, додека полоши од земјава во регионот се Црна Гора (103), Косово (113) и Босна и Херцеговина (120 место).

Од Фридом Хаус објаснуваат дека 2019 била 14-та година по ред со пад во глобалната слобода. Насловот на овогодишниот извештај гласи „Борбата за демократија без лидери“, а од организацијата посочуваат дека демократијата и плурализмот се под напад.

„Диктаторите се мобилизираат за да ги срушат и последните канали на внатрешното незадоволство и да го прошират штетното влијание во нови ќошиња од светот. Во исто време многу новоизбрани лидери драматично ја кратат својата грижа кон тесно интерпретирање на националниот интерес. Всушност, такви лидери – како што се и шефовите на САД и Индија, двете најголеми демократии – сè повеќе се подготвени да ги срушат институционалните контроли и да ги занемарат правата на критичарите и малцинствата во нивната пракса на популистичка агенда“, вели Сара Репучи во воведот на извештајот за 2020 година.

На врвот на рангирањето и оваа година се најдоа скандинавските држави. Со максимални 100 поеним на првите три места се Финска, Норвешка и Шведска. На дното на листата е Сирија со 0 поени, додека на последните пет места се наоѓаат и Тибет, Туркменистан, Еритреа и Јужен Судан.