Фридом Хаус: Прв пат од 2010 година Македонија со демократско подобрување

Македонската демократија и начин на владеење забележува мало подобрување, прв пат од 2010 година, оценува Фридом Хаус во извештајот Нации во транзиција, кој ги оценува демократските реформи во 29 поранешни комунистички држави од централна Европа и Азија.

На скалата од 1 до 7, од нависоко до најниско ниво на демократија, Македонија има скор од 4,36, што се уште ја става во категоријата на транзициска власт или хибриден режим. Овој скор е мало подобрување во споредба со ланскиот, историски најлош резултат за земјава од 4,43 и претставува прва промена во позитивна насока од 2010 година кога резултатот бил 3,79 и седум последователни години само опаѓал.

Македонија има најдобар резултат во областа граѓанско општество, а најлош резултат во независноста на медиумите.

Сепак скорот е еден од најлошите демократски резултати на Балканот, подобар само од оној на Косово и Босна и Херцеговина.

Во извештајот на Фридом Хаус, земјава, заедно со Узбекистан и Естонија, е издвоена како „светла точка“ за минатата година, а Македонија е посочена како држава со најветувачка шанса за демократски прогрес во Европа. Според организацијата, првиот клуч за успехот на новата македонска влада е решавање на спорот околу името со Грција, што ќе го отвори патот кон ЕУ и НАТО членство и ќе обезбеди меѓународна поддршка.

„Доколку спорот околу името се реши, тогаш почнува тешката работа. Прекршувањето на долгогодишните инвестиции на ВМРО-ДПМНЕ во мрежи на поддршка ќе биде тешко за новата коалиција, а таквите активности се уште потешки без вмешување во нови злоупотреби. Во овој момент, новата влада заслужува силна поддршка од САД и ЕУ, вклучително и притисок врз Грција за решавање на спорот околу името и заложби за асистенција во болниот процес на ослободување од заробената држава“, се наведува во извештајот кој е насловен „Соочување со илиберализмот“.

Генерално во извештајот се забележува најголемо демократско назадување во 23-годишната историја на овој проект. Изминатава година дури 19 од 29 земји имале влошување демократските резултати, додека ова е втора година по ред во која има повеќе консолидирани авторитарни режими од консолидирани демократии.


Полска, Унгарија и Србија забележуваат најголемо назадување додека трите најдемократски држави во овој пост-комунистички регион се Естонија, Латвија и Словенија.