Фридом Хаус: Македонија на последното место на Балканот за слободата на печатот

Македонија и оваа година се најде на последното место на Балканот, во новиот извештај на Фридом Хаус, за слободата на печатот. Оценката на Македонија е намалена за 10 поени во изминатите пет години, а во извештајот се спомнува и затвoрањето на новинарот Томислав Кежаровски.

Фридом Хаус: Македонија на последното место на Балканот за слободата на печатот

Според Фридом Хаус, Македонија е на 125-тото место и е делумно слободна земја во однос на слободата на печатот со 58 поени. На листата таа е во друштво со земји како Уганда, Кенија, Конго, Кувајт, Мадагаскар…

„Неколку опозициски ориентирани медиуми беа присилени да се затворат во овој период, и новинарот Томислав Кежаровски беше во притвор во 2014 година, врз основа на сомнителни обвиненија дека открил идентитет на заштитен сведок во случај за убиство“, се вели во извештајот.

Во овогодинешниот извештај пад има и Србија, поради спречувањето од страна на премиерот Александар Вучиќ за известување за поплавите во земјата оваа година, како и за вршењето притисок врз независните новинари.

Според извештајот насилството и притисоците врз новинарите е она што придонело за опаѓање на слободата на печатот, на глобално ниво. Од сите 199 рангирани држави само 14 отсто од луѓето во светот живеат во земји каде има слободни медиуми.