Фридом хаус: Македонија е делумно слободна земја

Фридом хаус: Македонија е делумно слободна земјаМакедонија е во групата „делумно слободни“ земји во најновото издание на „Слобода во светот“, годишен извештај на невладината организација за човекови права со седиште во Вашингтон, Фридом хаус. Во извештајот се констатира дека генерално има пад во почитувањето на слободите насекаде  во светот.

Во извештајот се оценува состојбата со почитувањето на човековите права и на политичките слободи во 195 земји во светот во текот на минатата година, Македонија се најде во групата на „делумно слободни“.

​​Во оваа група, меѓу другите се и Ерменија, Босна и Херцеговина, Грузија, Косово, Украина и Пакистан. Како слободни земји од Балканот, се оценети Србија, Црна Гора и Хрватска. Македонија и во двете сфери – човековите права и политичките слободи е оценета со тројка. Највисоката оценка е единица, а најлошата седумка. Напредок во регионот забележа само Босна.

Арч Падингтон

„Исто така откривме растечка софитицираност на современите диктатори. Тие се флексибилни, тие ја изобличуваат и ја злоупотребуваат правната рамка, тие се вешти во техниките на модерната пропаганда“, вели

Арч Падингтон, потпретседател на Фридом хаус.

Сепак, најкарактеристично за минатата година е тоа што евроазискиот регион, односно земјите од поранешниот Советски сојуз, без Балтичките, им конкурираат на оние на Блискиот Исток како политички најрепресивни региони во светот. Според извештајот, „враќањето на железната тупаница во Русија“ му даде тон на целиот регион.

Во извештајот се потенцира и одлуката на Москва да ја протера американската агенција за меѓународен развој УСАИД од земјата, но исто така се критикува администрацијата на претседателот Барак Обама за тоа што не обезбедила соодветен одговор.

Во извештајот на Фридом хаус се наведува дека иако бројот на земјите рангирани како слободни порасна на 90, три повеќе од претходната година, сепак 28 земји покажале значително опаѓање. Или, како што се оценува, ова е седма година по ред во која има поголемо уназадување, од напредок.

Генерално, 43 проценти од светската популација живее во слободни општества, 23 проценти во делумно слободни, додека 34 проценти во земјите кои од Фридом хаус се оценети како неслободни, меѓу нив Русија, Белорусија, Иран, Ирак, Авганистан.