Фридом хаус: Македонија е „делумно слободна“ земја

Македонија е една од само трите европски земји, заедно со Босна и Херцеговина и Украина, која спаѓа во групата држави кои се „делумно слободни“, се вели во најновиот извештај на организацијата за човекови права Фридом хаус, „Слобода во светот 2015“ (Freedom in the World 2015).

Според извештајот, Македонија има оценка 4 за политичките слободи, што е пад од една оценка во споредба со минатата година. Граѓанските слободи се оценети исто како лани, со 3, додека вкупната оценка за земјава е 3.5. Слични оценки како Македонија во овој извештај имаат Турција, Мозамбик, Колумбија, Нигер и Папуа Нова Гвинеја.

Земјите од опкружувањето, како Албанија, Бугарија, Србија и Хрватска имаат повисоки оценки од Македонија и се ставени во групата „слободни“ држави.

Извештајот ги бодува речиси сите земји во светот со оценки од 1 до 7, при што еден е највисока оценка, а седум најниска. Општиот заклучок во извештајот за 2015 е дека  дека во изминатата година бил забележан „вознемирувачки“ пад на слободата.