Фридом Хаус: Да се спречи Турција да стане диктатура

По полициската акција во најстариот турски весник Џумхуриет во кој беа приведени повеќе новинари, реагираше Фридом Хаус со став дека Турција ја задушува критиката и медиумите.

„Турската Влада ги напаѓа медиумите до степен кој не е забележан од воениот пуч во 1980-тата и во процесот ги руши темелите на демократијата. Со упадот во Џумхуриет и затворањето на новински агенции под изговор на вонредната состојба, оваа Влада демонстрира целосно непочитување за основните слободи и владеењето на правото. Соединетите Американски Држави треба да даде се од себе да спречи нивниот НАТО сојузник да се претвори во диктатура“, смета Даниел Калингерт, претседателот на Фридом Хаус.

Реакцијата следува по полициската акција пред два дена во просториите на Џумхуриет, кога беа приведени 13 вработени во весникот, меѓу нив и уредникот Мурат Сабунџу, колумнистот Кадри Ѓурсел и карикатуристот Муса Карт. Викендов турската Влада, со овластувањата кои ги има според правилата на вонредната состојба, затвори 15 про-Курдски медиуми, вклучувајќи и две новински агенции и два национални весници.

Ова поттикна протести на стотици луѓе кои кампуваа преку ноќ пред седиштето на Џумхуриет во Истанбул.

Критики за затворањето медиуми, вчера стигнаа и од Европската Унија, на што турскиот Премиер Бинали Јилдирим одговори дека „Турција нема да дозволи Европа да им држи предавања“, додавајќи дека „Владата ќе ја брани слободата на медиумите до самиот крај“.

Според годишниот извештај „Слобода на медиумите“ кој го изработува Фридом Хаус, Турција до 2014 година беше „делумно слободна“ земја, а последниве три години го има статусот „неслободна“ земја.