#FridaysForFuture во петок иницира протест пред Собрание против увоз на опасен отпад

„Дворските игри кои партиите ги играат во парламентот под превез на преговори за законот за отпад е најнов доказ дека чистиот воздух за нив е небитен кога ги загрозува профитите на големите бизниси, како тој за увоз на опасен отпад“, се вели во повикот на протест на скопскиот огранок на #FridaysForFuture (Петоци за иднината).

Протестот е најавен за петок (31 јануари) во 15 часот, кога активистите ќе го окупираат просторот пред Собранието и од таму ќе побараат средба со претседателот на законодавниот дом Талат Џафери, со цел да добијат објаснување зошто донесувањето на овој закон континуирано се одложува.

„Во ноември минатата година, коалицијата #ЗеленФронт најави дека неисполнување на барањата, меѓу кое клучно беше носење на закон за отпад до крајот на 2019-та, ќе биде повод за граѓанска непослушност“, велат од #FridaysForFuture.

Како дел од коалицијата и предводник на зелената револуција, велат тие, Петоци за иднината ќе одржи мирен собир на кој со заземање на улицата и седнување, односно со т.н. „sit-in“, симболично ќе го демонстрира бесконечното чекање на граѓаните за здрава животна средина.

„Секој кој се наоѓа погоден од оваа ситуација е добредојден да ни се придружи!“, се вели во повикот на #FridaysForFuture.