Fridays for future залепија барања пред Влада: Климатска вонредна состојба на национално ниво

„Прогласување на климатска вонредна состојба на национално ниво. Активирање на специјално национално тело – комисија за борба против климатски промени. Затворање на постоечките електрани на јаглен и преминување до 80% обновливи извори на енергија до 2030 и 100% до 2050 година. План за намалување на употребата на автомобили, заедно со комплетна обнова и проширување на капацитетите на јавниот транспорт. Воведување на климатската проблематика во формалното образование“.

Ова се барањата кои активистите од иницијативата „Fridays for future“, заедно со поддржувачи од повеќе генерации, денеска ги залепија на постер пред влезот на владината зграда.

Целта на протестот беше да ги потсетат властодршците за проблемот со климатските проблеми и за потребата од опипливи системски промени.

Младите излегоа со транспаренти и пораки – „Климатска револуција“, „Сечиј живот има вредност“, „Ние се труеме, тие се богатат“, „Една планета, една шанса, акција сега“… Некои, симболично носеа и маски против загадувањето. Потсетија дека ова е само прв ден од серијата настани од Неделата за иднината, која се одвива локално, но и низ стотици градови низ светот.

„Сега е време да реагираме, немаме време за чекање. Кога не реагираат големите, кога не реагираат тие што треба, ќе реагираме малите. И ние ќе се однесуваме како големи“, вели средношколката Бисера Батаклиева од Прилеп.

Таа нагласува – треба да размислуваме како да ја замениме пластиката. Како да намалуваме, реупотребаме и рециклираме. Истовремено, повеќе да бидеме активни.

Еди Фрцовски, студент по биологија на ПМФ, рече дека дошол на протестот бидејќи во иднина сака да има планета полна со животни и растенија, со кои би живеел. Нагласува, мора нешто да се смени. Лично пробува тоа да го прави секојдневно, насекаде.

„Целата климатска револуција почнува од секој од нас. Постојано велиме ‘Што можам како човек да сменам?!’. Апсолутно можеш да смениш – многу! Една многу важна работа е активизмот. Некако да се вклучат повеќе млади, поради тоа што многумина од нас, кога сме во средно, како да не не’ интересира што се случува во светот. И тоа не е во ред. Факт е дека имаме алармантна ситуација, па, мора да се направи нешто за видлива промена. Пример… не мора да се станува веган, иако тоа е супер, но убаво е кога одиш во супермаркет, да знаеш од каде доаѓа таа храна која ја купуваш“, рече студентот.

Протестот стартуваше кај споменикот „Ослободителите на Скопје“. Откако се собраа граѓани, иницијативата и поддржувачите, покрај „Илинденска“, марширајќи се упатија кај влезот на Владата.

Тука мегафонот се подаваше од рака во рака. Секој од присутните можеше да истапи, да каже идеја, предлог, насока. Се’ со цел да има плурализам на мислења, на потенцијални идни решенија кон климатската револуција.

Младиот Никола Јовановски од локалниот огранок на „Fridays for future“, потсети дека климатските промени може да донесат до бројни проблеми. Да не можеш на лето да излезеш, но и животот да ти е загрозен кога ќе избувне пожар, или кога ќе дојде поплава.

Ваквите ситуации, вели тој, може да станат полоши и пострашни.

„Не сакам целиот живот да ми биде упропастен поради проблеми кои, всушност, можат да се решат. Мора да работиме, секој во својата сфера, и да им кажеме на служителите на народот (власта н.з.) да ги спроведат решенијата. Ние сме мала држава, но ако се спроведат решенијата, како прво, може да бидеме и лидер во регионот, што би било многу кул“, забележа тој.

Второ, смета Јовановски, многу млади можат да се вложат во земјава во разни сектори – од иновации, енергетика, до право и економија.

„Ако се вложат тие (властодршците н.з.) да ги решат климатските промени, значи дека вложуваат во младите, во нас. Па, после ние да имаме мотивација да останеме и вложуваме тука“, нагласи Јовановски.

Иво Босилков од „Fridays for future“ смета дека не можеме да бараме бараме Австралијанците да ни ги решаваат проблемие. Сами мораме, како што сами мораат и Албанците, Бугарите, Србите…

„Значи, ако не работиме на случајот, ако не правиме ништо, тогаш Албанците, Бугарите, Србите… ќе речат ‘Македонците не прават ништо, зошто ние да правиме?’. Тоа е верижен ефект кој е поразитален. Не е точно дека ние сме премногу мали за да направиме нешто. Ние имаме Влада, носи одлуки, таа Влада мора да направи она што е добро за нејзините граѓани. Ние зависиме од таа Влада, не од останатите. Точно е дека овој проблем е глобален, но се решава секој во исто време, локално“, рече Босилков.

На крајот од серијата говорници, пред да си разотидат, иницијативата и поддржувачите испратија последна порака пред владиниот објект.

Извикаа гласно: „Јани одговори, куќата ни гори!“.

Бојан Шашевски

Мартин Колоски