Неготинското Fridays for Future ги повика младите да се вклучат во борбата против изградба на депонијата

Активистите од неготинскиот огранок на Fridays for Future ги повикаа младите да се вклучат во отпорот против изградба на депoнија за индустриски инертен отпад во близина на нивниот град. 

Неготинчани периодов стравуваат дека овој проект ќе наштети на животната средина и нивното здравје, поради што се организираа и ги собраа потребните потписи за распишување на референдум. Здружението на граѓани „Ековита“ кое ја започна борбата против депонијата, пред три дена ја поднесе иницијативата која ја потпипшаа 3.323 жители, по што се чека општинскиот Совет да ја донесе одлуката за референдум. Но, за тој да биде успешен потребна е излезност од над 8.000 граѓани.

Иако градоначалникот Тони Делков соопшти дека е поништена постапката за продажба на земјиштето за изградба на депонијата, меѓу граѓаните се уште има сомнежи. Причината за тоа, велат од неготинското Fridays for Future, е тоа што решението за поништување на постапката за електронско јавно наддавање е наметнато од страна на Државниот правобранител, а не произлегува од волјата на локалните власти.

„Ова решение ни носи надеж, но не ни дава сигурност. Купувачот (инвеститорот) има право на жалење во рок од 15 дена, што може да се испостави како сериозен ризик постапката за продажба повторно да биде одобрена. На тоа земјиште и во иднина може да се издаде Е3 лиценца (прва од ваков тип во Мекедонија) или пак, истото повторно да се огласи за продажба. Но, главната причина за сомнеж помеѓу жителите на општина Неготино е скоро непостоечката транспарентност помеѓу работата на општинскиот совет и граѓаните по ова прашање и фактот дека досега јавноста и граѓанскиот сектор во општина Неготино никако не биле информирани, ниту пак вклучени во донесувањето на овие одлуки“, велат од иницијативата за Радио МОФ.

Оттаму појаснуваат дека локалитет Орлово Брдо, каде е планирана изградбата на депонијата, е единствено заштитено подрачје во рамките на општината каде што се регистрирани 8 ендемски растителни видови.

„Изградбата на депонија се планира на само 200 метри од ова заштитено биолошко подрачје, иако законот вели дека треба да е минимум 1000 метри. Дополнително, дел од водата за пиење во општината доаѓа токму од бунарите лоцирани во непосредна близина на планираното место за депонија. Овие води трајно ќе се загадат и водата од чешмите ќе биде смртоноста. Депонијата несомнено би предизвикала еколошка катастрофа тука“, велат од Fridays for Future Неготино.

Тие потсетуваат дека регионот е значаен по лозарството, каде се произведува вино кое се извезува и е од огромно значење за економијата на државата.  Изградбата на депонија од ваков тип, според нив, би влијаела на квалитетот на овие лозови насади и производите од грозје.

„Згора на сè , ова не е типична депонија, туку постројка за производство на т.н. РДФ (RDF) гориво. Ваквото гориво се произведува исклучиво од ѓубре без никакви регулативи од какво ѓубре. Ова значи дека во произведените РДФ палети може да се става и медицински и контаминиран, и индустриски отпад и радиоактивен отпад. Едноставно, нема регулација за тоа што може да се стави. Отпосле, РДФ горивото може да се гористи во индустриски погоди и фабрики коишто имаат печки на кои им треба потентно гориво. Вакви фабрики кај нас се Цементарница УСЈЕ и ФЕНИ Кавадарци. Во Романија, во РДФ горивото направено на ваква ‘депонија’ беше најдено АРСЕН пред неколку години. Арсенот директно предизвикува рак на кожа и рак на бели дробови, како и скоро сите други типови рак“, образложуваат од иницијативата.

Покрај ова, од Fridays for Future реагираат што изработената студија е изработена за многу помалку од 1 година.

„Замислете, истражувањата за студија од ваков тип којашто би требало да траат неколку години, е изработена за толку кратко“, велат од иницијативата.

Според нив, изградбата на депонијата ќе придонесе во влошување на генералната состојба со животната околина во државата, која како што посочуваат „и така е запоставена и експлоатирана“.

„За крај, овој проект не носи апсолутно никаков бенефит ниту за граѓаните ниту за општината. Од економски аспект, многу повеќе пари ќе мора да се даваат на здравство поради болестите предизвикани од целокупното загадувањето коешто оваа депонија ќе го донесе (загадување на почвата, водата, воздухот, радиоктивност, па дури и звучно загадување во поблиската област)“, сметаат од Fridays for Future Неготино.

Засега се задоволни од одзивот на граѓаните и веруваат дека свесноста ќе расте. Покрај нив, и регионалното здружение ,,Напредни лозари’’ јавно ја поддржаа иницијативата.

„Остануваме на тоа будно да ја следиме ситуацијата и да реагираме во дадени моменти на неправилности и да ги информираме граѓаните за сè околу активностите на Општината и Советот по ова прашање“, велат од неготинските активисти.

Емилија Петреска