Француско интернационално училиште од септември во Скопје

Во скопската населба Карпош 4 од 1. септември ќе почне да работи Француско интернационално училиште, единствено во Македонија за образование на француски јазик.

Француско интернационално училиште од септември во Скопје

На почетокот училиштето ќе нуди два циклуса настава – за предучилишни деца (од три до шест години) и втор циклус – до 10-годишна возраст, што одговара на петто одделение во македонскиот образовен систем. Во следните години во план е да се отвораат и повисоки одделенија за повозрасни ученици, пренесе МИА.

Целата настава ќе биде на француски јазик и ќе ја водат професори од Франција, а настава по мајчин јазик (македонски или албански), како и англиски јазик, ќе имаат пет часа неделно.

Француското меѓународно училиште е раководено од Здружението на родители на деца франкофони (АПЕФ). Претседател на Управниот одбор и сопственик е Жан Франсоа Ле Рок, кој 17 години своите бизниси ги шири на Балканот. Француски интернационални училишта тој има отворено во Сараево и Одеса.

На средба со новинарите Ле Рок денеска изјави дека францускиот модел на образование е глобална алтернатива на англосаксонскиот образовен систем.

– Станува збор за програма која ја издава француското Министерство за образование и децата добиваат дипломи признати насекаде во светот. Планот ни е да имаме 60-ина ученици и нивниот број да се зголемува секоја година, изјави Ле Рок.

Задоволен е од работата на училиштата што ги има отворено во Босна и Херцеговина и Украина, во кои покрај деца на странски дипломати и на француски доселеници, учат и деца на деловни локални луѓе.

Школарината за една учебна година (десет месеци) за ученик од македонско семејство ќе чини 2.800 евра.