Француски новинар доби казна бидејќи објави документи достапни преку Google

Францускиот суд го казни новинарот и активист Olivier „Bluetouff“ Laurelli со парична казна од 3.000 евра бидејќи објави доверливи документи. Но, изненадувачко е тоа што судот го прогласи за виновен поради објавување на документи кои биле достапни јавно на пребарувачот Google. Линкот кој го пронашол Laurelli води до 7.7 гигабајти податоци од Националната агенција за безбедност на храната и животната средина  (ANSES), кои тој ги индексираше и ги сподели со јавноста, пишува Ars Technica.

Дел од податоците се поврзани со патент за нано-супстанции на кои работи Агенцијата. Поради ова, оттаму го обвиниле новинарот за „неовластено влегување во компјутерски системи и кражба на податоци од нивните сервери“. Бидејќи г. Лаурели употребува VPN-сервис со ИП-адреса од Панама, ова дополнително ги алармирало француските полицајци, иако компанијата преку која оди VPN е во сопственост на самиот Laurelli.

„Ние (ANSES) започнавме со внатрешни технички испитувања во обид да го откриеме методот кој го искористиле хакерите за да пристапат и да ги одземат документите. По овие анализи, дознавме дека е доволно да се внесе точната URL-адреса за да се пристапи до податоците, а со тоа да се прескокне авторизацијата“, стои во соопштението на ANSES.

За неовластено користење и чување на податоци законите во Франција се предвидува казна од 30.000 евра и две години затвор, но поради тоа што податоците на ANSES се достапни поради грешка и до нив може да се стигне без хакерски напад, судот се одлучи за поблага казна од 4000 евра. Сепак, најголем дел од експертите во Франција се сериозно загрижени поради непознавањето на технологијата од судиите кои ги носат пресудите.

Извор: IT.com.mk