Французин казнет со 1.000 евра зошто земал песок од плажа во Сардинија

Француски турист е казнет со 1.000 евра парична казна на островот Сардинија во Италија, откако властите го фатиле со две килограми песок во неговиот багаж, јавува „Еуроњуз“.

Локалните власти задолжени за заштита на крајбрежјето му одзеле пластично шише со ситен песок на човекот чиј идентитет не е откриен, на аеродромот Елмас на италијанскиот остров.

Белите зрна песок од чистите плажи на Сардинија се сметаат за скапоцени и се заштитен ресурс.

„Овие однесувања не само што и штетат на животната средина, туку и го загрозуваат одржувањето на крајбрежјето, за одржливиот развој на туризмот во Сардинија“, се вели во соопштението на надлежните.

Претходно во август 2019 година, француска двојка беше уапсена со 40 килограми песок во нивниот автомобил, непосредно пред да се качи на траект кој патувал за Тулон. Веќе неколку години, Сардинија им забранува на посетителите да земаат песок од плажите, а прекршителите се казнуваат со големи казни.

Трговијата со песок, камчиња и школки е забранета од 2017 година и оттогаш се казнува со парични казни во висина до 3.000 евра.