Францускиот министер за екологија поднесе оставка бидејќи останал сам во залагањето за реформи

Николас Хуло, францускиот министер за екологија утрово објавил дека поднесува оставка во  радио интервју кое одело во живо, образложувајќи дека се почувствувал „целосно осамен во залагањето за еколошки реформи“.

62-годишниот Хуло, за радиото Франс Интер, додал и дека претседателот Емануел Макрон и премиерот Едуар Филип не знаеле за неговата одлука пред да ја соопшти за медиумот образложувајќи дека „веројатно би се труделе да го предомислат“.

„Ова е одлука на чесност и одговорност и е најтешката одлука во мојот живот“, рекол Хуло, пренесува Еуроњуз.

Водителот на интервјуто не знаел однапред дека министерот ќе соопшти дека дава оставка.

„Не сакам да давам илузии дека моето присуство во владата значи дека имаме постигнато одредени стандарди по овие прашања, па затоа се одлучив да ја напуштам владата“, рекол Хуло, по што водителот возвратил: „Дали сте сериозни?“.

Министерот зборувал со одобрување за претседателот и премиерот, но сепак додал дека владата не успеала да даде приоритет на еколошките прашања и можел да презема само мали чекори.

Порпаролот на владата, Бенџамин Гриве, по оставката на министерот изјавил дека најмалку што можел министерот е да ги предупреди претседателот и премиерот за својата одлука.

Хуло беше именуван за министер во мај 2017 година, откако претходно ги одбил понудите за таа функција од неколку француски лидери.

Макрон за оваа одлука првично добил одобрување од еколошките организации, но по една година екологистите почнаа да упатуваат јавни критики за недоволните реформи во екологијата изразуваа дилеми околу улогата на Хуло во владата.