Францускиот институт во Скопје повикува на учество во проектот „Спортот и младите“

Францускиот институт во Скопје планира, во рамките на Франкофонијата, да организира проект во однос на промовирање на спортот и францускиот јазик меѓу средношколци од 15 до 18 години и студенти до 23 години, кој ќе се реализира од 16-21 март.

„Целта на овој проект е да се прошират кај младите од Македонија сознанија за можностите што им ги нуди спортот преку соработка со познати спортски клубови. Преку овој настан, Францускиот институт сака да ја промовира употребата на францускот јазик преку спортот и да овозможи француско-македонски проекти на соработка со спортските центри, универзитети и француски клубови“, се вели во повикот на Францускиот институт во Скопје.

Институтот ги повикува младите кои го изучуваат францускиот јазик во Македонија и во регионот да се пријават најдоцна до 15 февруари со пополнување на формуларот за учество во активностите:

– аматерски турнир во ракомет или друг спорт со топка на затворено (одбојка, мал фудбал…), со учеството на домашни и странски тимови, во текот на неделата од 16 до 21 март;

– маратон во Скопје (4 км: Порта „Македонија“ – Скопје Сити Мол), в сабота 21 март, на Денот на франкофонијата;

– работилници на француски јазик, организирани од Францускиот институт во Скопје, кои ќе бидат тематски врзани за спортот;

– предавања на видни личности од Франција и од Македонија од областа на спортот, кои би се одржале на 20 и 21 март 2015;

– информирање за можностите за престој и студии во Франција на младите (центри за обуки на спортски клубови, француски универзитети…) и отпочнување на проекти на соработка помеѓу Македонија и Франција во областа на спортот (разгледување на можноста за искористување на европски фондови).

Повеќе информации за проектот се достапни на овој линк.