Француски новинар прикриено се вработил во полицијата и открил системски расизам и насилство

Новинарот Валентин Гендро прикриено се инфилтрирал во француските полициски служби и регистрирал системска култура на расизам и насилство во која полицајците делувале неказниво.

Тој поминал скоро шест месеци во полициска станица во еден од најозлогласените париски окрузи.

Новинарот тврди дека насилството било толку често што станало банално и опишува еден инцидент каде тој бил принуден да помогне во фалсификување доказ против тинејџер кој бил тепан од полицаец, пренесува Гардијан.

„Навистина ме шокираше кога ги слушав полицајците, кои се претставници на државата, како ги нарекуваа црнците, Арапите или мигрантите „копилиња“, но тоа го правеа скоро сите“, објаснува Гендро.

„Мал дел од полицајците употребуваа насилство… но тие постојано го правеа тоа“, додава тој.

Гендро исто така бил зачуден од тоа колку лошо обучени и колку ниско се платени полициските службеници и како постојаниот стрес и секојдневните проблеми и насилство со кои се соочуваат ги принудувал на депресија и самоубиства.

Тој овие сведоштва ги пренесе во книга која беше објавена вчера. Гендро вели дека добил униформа и пиштол по само три месеци обука, а веднаш потоа бил испратен во патрола.

Опишува дека полицајците скоро секојдневно напаѓале млади луѓе, голем дел од нив малолетници. Гендро пишува за „клански“ систем кој осигурува дека полицајците ќе се заштитуваат помеѓу себе.

„Тие не гледаат младич, туку деликвент… еднаш кога е воспоставена дехуманизацијата сè станува оправдано, како тепање на тинејџери или мигранти. Она што ме шокираше е дека се чувствуваат недопирливо, како да немаат надредено лице, контрола во хиерархијата“, објаснува францускиот новинар.