Француски комичар се затвори во стационар, не излегува сè додека не се вдомат сите бездомни кучиња

Француската интернет ѕвезда Реми Гељард од денес ќе престојува во еден од боксовите за кучиња во стационарот на Монпелје и нема да излезе се додека сите бездомни кучиња не бидат вдомени.

„За да ме ослободете од кафезот, посвоете“, вели тој.

Директорката на стационарот Ани Бенезеш вели дека по најавата на Гељард дека ќе престојува во еден од кафезите, огромен број на луѓе дошле и побарале да вдомат некое од напуштените кучиња.

„За 15 дена, 160 кучиња од вкупно 290 кои чекаат да бидат вдомени веќе најдоа семејство“, се радува Бенезеш.

„Реми не е само забавувач на интернет, тој е пред се човек со големо срце. Тој направи да биде слушнат нашиот глас и ги отвори очите на голем број луѓе. Особено ова лето беше катастрофално, собравме многу животни кои беа фрлени покрај патиштата, или напуштени во кутии. Сега имаме место да засолниме и други напуштени кучиња. Ја користам приликата да ги повикам стационарите во Безиер, Роде, Каркасон и Перпињан ако имаат потреба“, изјави таа.

Во изминатите осум месеци, Гељард е запознаен со работата на стационарот во Монпелје. Тој постојано дава поддршка на тимот кој работи со напуштените кучиња.

„Искуството може да биде тешко“, вели комичарот. „Кога се одлучив на оваа акција, се уште беше убаво и топло во Монпелје. Сега, времето е ладно. Иако сум добро опремен, се плашам од студот. Но, наспроти кутрите животни, јас ја имам шансата да изберам место свртено кон југ за да не ја пропуштам сончевата светлина“.

Неговите соседи се два лабрадори Гери и Фалкон. Како и тие, Гељард ќе има право на десетминутна прошетка секој ден.

„Ќе ја искористам оваа можност за да одам во веце, но подалеку од камерите“, се пошегува тој.