Француски десничарски градоначалник именуваше улица Брегзит, но таа не води никаде

Десничарски градоначалник во Франција именуваше улица во неговиот град „Брегзит“, но шегата му се „одби од глава“ кога се утврди дека во прашање е кружен тек кој не води никаде.

Џулијан Санчез одлуката за именување на улицата во јужниот град Бокер ја нарече „оддавање почит на одлуката на суверениот британски народ“ да ја напушти Европската Унија.

Градскиот совет, за оваа прилика избра претходно неименувана улица, која се наоѓа во близина на улицата Робер Шуман и авенијата Жан Моне, двете од нив именувани по основачите на Европската Унија.

33 годишниот Санчез, кој стекнува популарност во Националниот фронт на Мари Ле Пен, одлуката ја објави на Твитер. Заедно со неговата порака, тој постираше и слика од гласањето – 23 наспроти 9 за доделување на името „Улица Брегзит“.

Твитовите од Французите кои следуваа беа поделени помеѓу одобрување и отфрлање на овој чин. Некои од нив посочија иронично дека улицата е кружен тек, во пустиот дел од градот, кој не води никаде. Други пак коментираа дека улицата води од Европа повторно кон Европа, поради позицијата помеѓу Шуман и Моне.

„Се работи за улица во индустриската зона и нема да го поремети дневниот живот на жителите на Бокер“, рекол Санчез за локалното радио. Тој додал и дека многу од улиците во Франција се именувани по основачите на „Европа која ги гуши луѓето“, па сметал дека создавањето на улицата Брегзит е „оправдано за балансирање на работите“.

Давајќи му на Брегзит место во Бокер, Санчез создава и впечатлива потсета на ветувањето на Ле Пен дека ќе организира референдум за француското членство во ЕУ, доколку победи на претседателските избори следната година.