Француската полиција трага по напаѓачот кој уби три лица во Стразбур

Три лица се убиени, а 13 се ранети откако вооружен напаѓач отворил оган на божиќен базар во францускиот град Стразбур. Властите прогласиле вонредна состојба додека полицијата трага по напаѓачот кој успеал да побегне.

Околу 350 полициски службеници учествуваат во потрагата по напаѓачот, за кој надлежните информираа дека има 29 години и дека се радикализирал во затвор, додека заменик министерот за внатрешни работи соопшти дека тој можеби веќе не е во Франција.

Нападот се случил синоќа околу 20 часот, во близина на славниот божиќен базар во Стразбур, во близина на централниот плоштад, кој привлекува голем број туристи во овој период од годината. Напаѓачот пукал во полициски службеници кои патролирале на локацијата како дел од анти-терористичките мерки.

Според француската БФМ телевизија, напаѓачот успеал да побегне влегувајќи во такси кое го транспортирало на локацијата каде живеел. Таксистот на полицијата кажал дека лицето било рането во левата нога.

Мотивите за нападот сè уште не се познати на властите.