Француската полиција се судри со активистите кои протестираа против расизмот

Француската полиција се судри со активисти кои протестираат во Париз против расизмот и полициската бруталност. Полицијата употреби солзавец против демонстрантите кои фрлаат со камења и кои се обидоа да одржат марш што беше забранет, пишува Би Би Си.

Протестот е дел од светското движење инспирирано од американските антирасистички протести „Black Lives Matter“.

Протестот беше организирана под слоганот „Правда за Адама“, по Адама Траре, млад црнец, кој почина во притвор во 2016 година.

Вчера во Париз колу 15.000 демонстранти против расизмот се собраа во центарот на градот, во попладневните часови. Тие извикуваа пароли како „Нема правда, нема мир“. Меѓу демонстрантите беше и Аса Траоре, сестрата на Адама, која ги повика да „го осудат социјалното, расно и полициско насилство“.

„Она што се случува во Соединетите држави се случува во Франција. Нашите браќа умираат“, рече таа.

Иако на демонстрантите им беше дозволено да се соберат, полицијата ги спречи да маршираат низ градот, поради можна закана за локалните бизниси. Во судирот со полицијата беше употребен солзавец.

Весникот „Ле Парисиен“ наведува дека 26 лица биле сослушани од полицијата. Помали протести се одржаа во другите француски градови, вклучително и Лион и Марсеј.

 

Француското тело за контрола на полицијата соопшти дека минатата година примила скоро 1.500 претставки против полицајци – половина од нив за наводно насилство.

Во еден неодамнешен случај, полицијата беше обвинета за сериозно ранување на 14-годишно момче, кое било приведено под сомнение дека се обидело да украде скутер во близина на Париз, минатиот месец.

Во понеделникот министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер објави забрана за користење на полицискиот метод со кој се задржуваат некои осомничени. Ова се случи откако демонстрантите излегоа на улиците обвинувајќи ја француската полиција дека користи бруталност кон малцинствата.
Г-дин Кастанер вети дека ќе има „нулта толеранција“ на расизмот при спроведувањето на законот и службениците за кои има основано сомнение за расизам ќе бидат суспендирани.

Ова пак наиде на реакција на полициските синдикати и офицери, кои негираа дека расизмот е раширен во рамките на нивните редови.

Во петокот полицајците се собраа на Елисејските полиња, фрлајќи ги лисиците на земја.

Франција е една од многуте земји што забележа бран на анти-расистички маршеви по примерот на последните протести во САД, предизвикани поради смртта на Џорџ Флојд, афроамериканец кој беше убиен од полицаец во Минеаполис.