Француска вечер на „Охридско лето“

Вечерва на програмата на фестивалот „Охридско лето“ е предвидена традиционална Француска вечер. Концерт во црквата „Света Софија“, од 21 часот, ќе одржат кларинетистот Мишел Летјек, заедно со квартетот „Жирард“ во состав, Иго Жирард и Агат Жирард – виолина, Одон Жирард – виола и виолончелистот Луси Жирард.

Францускиот кларинетист Мишел Летјек во моментов работи како професор на Националниот конзерваториум за музика во Париз, а воедно е и уметнички директор на престижниот фестивал „Пабло Касалс“ во Прадес.

Тој се смета за една од најеминентните фигури на светската музичка сцена. Во неговата завидна биографија впишани се настапи со некои од најреномираните изведувачи (Леонидас Кавакос, Франс Хелмерсон, Патрик Галоа и други) и со оркестрите (Санктпетербуршката филхармонија, Прашкиот радиооркестар, Филхармонијата на француското радио и други). Посветен е на современата музика, и затоа многу често премиерно изведува дела и концерти на голем број современи композитори, меѓу кои и Кшиштоф Пендерецки, Џон Кориљано, Криштоф Маратка, Марсел Ландовски, Тамезо Нарита и многу други.

Квартетот „Жирард“ е составен од едно семејство – двајца браќа и две сестри. Сите тие се дипломирани студенти на Конзерваториумот за музика во Париз. Квартетот е добитник на повеќе награди на национални и интернационални натпревари, како и неколку стипендии од различни фондации во Франција.