Франција планира да ги забрани сите возила кои работат на бензин и дизел гориво до 2040 година, објави новиот министер за екологија.
Николас Ило ја направи најавата заедно со серија мерки кои се дел од планот на новиот претседател Емануел Макрон, да ја направи земјата јаглерод-неутрална до 2050.
Ило вели дека е свесен дека целта ќе стави голем притисок на производителите на автомобили во Франција, но вели и дека моментално имаат проекти кои можат да го исполнат тоа ветување.
Како дел од планот, посиромашните домаќинства ќе добијат парична помош за да можат да ги заменат своите возила кои загадуваат за почисти алтернативи.
Најавата доаѓа откако Волво во средата објави дека ќе произведуваат само хибридни и електрични возила од 2019 година.
На прес конференцијата, Ило рече дека Франција ќе престане да користи јаглен за производство на електрична енергија до 2022 и дека 4 милијарди евра инвестиции ќе помогнат да се зголеми енергетската ефикасност.
Најавите се дел од петгодишниот план кој треба да ја охрабри чистата енергија и да ги исполни ветувањата на земјата направени со Парискиот договор.
Франција не е единствената држава која сака да ги забрани возилата кои загадуваат. Холандија и Норвешка претходно објавија дека сакаат да се ослободат од возилата на бензин и дизел до 2025 година, а Германија и Индија најавија слични планови до 2030 година.