Франција ја укинува забраната за донирање на крв од геј крводарители

Франција ќе дозволи ЛГБТИ+ лицата да донираат крв без дискриминаторски услови, објави францускиот министер за здравство.

„Од 16 март, крводарителските акции ќе бидат отворени за сите француски жители без разлика на нивната сексуална ориентација. Ставаме крај на нееднаквоста која веќе не е оправдана“, изјавил министерот Оливер Веран.

Жером Саломон, францускиот функционер за здравство додал дека отсега, ќе бидат отстранети ставките за сексуална ориентација во формуларите за донирање на крв.

Во теорија, ЛГБТИ+ крводарителите од јули 2016 година можea да донираат крв во Франција, но под услов тие да не биле сексуално активни една година претходно, пренесува „Euronews“. Подоцна, во 2019 година, условот бил намален на четири месеци, но сега целосно ќе биде отстранет.

Забраната за донирање на крв од страна на ЛГБТИ+ лица иницијално била воведена во Франција во 1983 година, како мерка за намалување на ризикот од пренесување на ХИВ/СИДА.

Но, Соломон објаснил дека ризикот се намалувал во последните неколку декади, па затоа забраната врз ЛГБТИ+ крводарителите треба да биде отстранета.

Отсега, француските жители ќе бидат прашувани дали се под третман за ХИВ во последните 4 месеци пред донирањето на крв, а ќе бидат поставувани и прашања за скорешна сексуална активност и употреба на дроги.

И други европски земји, вклучувајќи ги Шпанија, Италија и Велика Британија ги отстранија забраните врз геј мажите кои сакаат да донираат крв.