Франција блокирана, се најавуваат нови штрајкови

Илјадници работници денеска штрајкуваа на улиците на неколку градови во Франција поради владиниот план за реформи на пензискиот систем, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Протестите на работниците влегоа во петтата недела и значајно го нарушија функционирањето во земјата.

На протестите денес им се придружија и вработените во транспортниот сектор, а паралелно со централниот собир во Париз, најавени се протести и во Бордо, Тулуза, Лил, Рен и Лион.

Штрајкот значително го поремети возниот ред на железничкиот, автобускиот, морскиот и авионскиот сообраќај бидејќи компаниите нудат услуги со намалени капацитети.

Најавениот владин план за реформи на пензискиот систем беше повод за протестите и штрајковите кои траат од 5 декември минатата година. Администрацијата на францускиот претседател Емануел Макрон со новиот план заговара висината на пензиите да се пресметува на основицата на износот на платата која работникот ја имал во текот на целата кариера, а не на основицата на платата во последните пет години од работната кариера.

Синдикатите тврдат дека тоа ќе резултира пензиите да бидат значително помали за идните пензионери.

Макроновиот план предвидува и измени со кои синдикатите тврдат дека на крајот би им било одземено и правото на предвремено пензионирање на работниците од повеќе сектори, вклучувајќи ја и администрацијата.