„Фрагменти од секојдневието“ – предавање на фотографот Сашко Илов

Со почеток од 19 часот, денеска ќе се одржи предавањето насловено „Фрагменти од секојдневието“ на фотографот Сашко Илов.

На него, како што се најавува, Илов ќе го сподели своето долгогодишно искуство во работата со фогорафијата, но и ќе зборува за техничкиот и концептуалниот аспект на изработката на фотографиите.

„ Моето уметничко дело ги опфаќа природните и современите елементи и критичкиот поглед на социјалните, политичките и културните теми. Додека јас користам различни материјали и процеси во секој проект, мојата методологија е конзистентна. Иако не може секогаш да има материјални сличности помеѓу различните проекти, тие се поврзани со периодични формални проблеми и преку темите кои ги обработувам. Темата на секое мое дело ги одредува материјалите и формите на делото. Секој проект често се состои од повеќе дела, честопати во низа различни медиуми, групирани околу специфични теми и значења. За време на истражувањето, произлегуваат нови области на интерес и тие ме водат во нови циклуси на експеримент и работа“, стои во најавата за настанот.

Илов е фотограф, графички и веб-дизајнер и е член на Меѓународната асоцијација на визуелни уметници од Фиренца. Тој има реализирано повеќе самостојни и групни изложби, во земјава и во странство. За своите фотографии досега добил повеќе награди и признанија.