Фотографска изложба на Ерина Богоева – „Затемнетиот град“

Во петок (20 октомври), во 20 часот, во Музејот на современа уметност на Македонија, ќе биде отворена изложбата „Затемнетиот град“ на фотографката Ерина Богоева.

Изложбата „Затемнетиот град“ е дел од поширок истражувачко-фотографски проект кој треба и понатаму да ја следи архитектонската скулптура на територијата на Македонија, а е започнат од страна на авторката во 2012 година. Изложбата е дел од „Нов културен бран 2017“, помогната од Министерството за култура на Македонија.

Во овој дел на проектот ќе бидат изложени фотографии од архитектонските скулптури на архитектите Јанко Константинов, Георги Константиновски, Славко Брезовски, Едвард Равникар, Марко Мушич и други.

Ерина Богоева е родена на 02.07.1988 во Скопје. Таа е самоук фотограф и активно се занимава со фотографија од 2007г. Во 2009 година таа е добитник на награда во младинската категорија на Деновите на Македонската Фотографија, а во 2012 година таа добива прва награда за фотографија на тема „Скопје од мој агол“.Во мај 2016 таа ја има својата прва самостојна изложба под наслов „Животот на улиците во Европа“ во изложбениот простор на ЕУ Инфо Центарот како дел од програмата на Денот на Европа.

Оваа изложба беше организирана и во рамки на серијата „Културни приказни” на ЕУ Инфо Центарот на Делегацијата на ЕУ во Скопје. Во октомври 2016, Ерина ја има својата втора самостојна изложба, „Небото над Скопје“, во склоп на манифестацијата Бела Ноќ, во Скопје. Третата самостојна изложба Ерина ја има во март 2017та година во кафулето Wanderlust во Скопје, под наслов „Четири годишни времиња и малку љубов“ и е нејзина прва продажна изложба.

Богоева е дипломиран филолог на катедрата по Англиски јазик и книжевност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, Р.Македонија и магистар по Филм, телевизија и екранска индустрија при Нотингам Универзитетот, Велика Британија.