Фотографијата на Сузан Планкет од 11 септември: Пеколот кој морав да го сликам

Петнаесет години по нападите на кулите-близначки во Њујорк, Сузан Планкет, фотографот на Асошиејтед прес, творец на една од најпрепознатливите фотографии на хаосот од 11 септември 2001 година, раскажува за Гардијан како тие моменти во центарот на Њујорк целосно и го промениле нејзиниот живот.

Таа вели дека животот и го спасил полицаец кој, со зборовите „не е сигурно“, ја спречил да се приближи до кулите, по ударот на првиот авион. После една минута се срушила јужната кула од Светскиот трговски центар.

„Тогаш почна пеколот. Луѓе поминуваа покрај нас и викаа „се руши“, додека бран од прашина и чад се издигна високо во небото над крајот на улицата. Адреналинот почна да расте и почнав да трчам преку улицата Бродвеј и по Фултон, следена од остатоците на срушената јужна кула. По 20 метри застанав размислувајќи – по ѓаволите, морам да го сликам ова. Се свртев, го грабнав фотоапаратот и се наместив за фотографија. Додека луѓето трчаа покрај мене направив 13 фотографии – меѓу нив и онаа која ќе стане позната“, се сеќава Планкет.

По тие моменти помислила дека ќе умре, а веќе следно на ум и било како да ги испрати сликите до нејзината новинска агенција. Време пред Wi-Fi, 4G и 3G технологиите. Трчала со џемперот ставен на лицето како маска и направила уште неколку фотографии од паниката меѓу луѓето. Во еден момент оставила порака на нејзиниот татко дека го сака, која подоцна тој и рекол дека ја слушал одново и одново со месеци. Се засолнила во една мала продавница каде имало уште 15 други луѓе.

„25 минути поминаа откако падна јужната кула, а јас се уште морав да ги пратам тие фотографии. Сопственикот ја заклучи вратата зад мене, додека другите луѓе ѕиркаа низ стаклото. Не знаевме, но во тие моменти се рушеше северната кула“, вели таа.

suzan-plunket

Сузан Планкет

Подоцна агенцијата ја пратила по уште неколку фотографии од околните згради. Вечерта, кога Планкет заминала дома видела како нејзината фотографија ја објавуваат најголемите светски медиуми. Колегите и се јавувале и и честитале на нејзината храброст.

„Години подоцна мислев дека фотографијата нема ништо мое во неа – дека просто држев огледало за другите луѓе зафатени од тој ужасен настан. Но тоа не е вистина. Мојот живот брзо се промени“, вели таа.

Фотографијата и отворила многу врати во кариерата и добила задача во Авганистан, Индонезија и по целиот свет. Денеска таа живее во Велика Британија со сопругот Англичанец кој го сретнала на патувањата.

„Остварив контакт со две лица кои се на мојата фотографија и се поврзавме поради моментот кој го делевме. Денеска во таа фотографија се гледам каде сум била пред 15 години. Млад фотограф, свртен кон сцена на катастрофална деструкција. Фаќајќи 1/200-тинка од секундата чистина пред хаосот кој надоаѓа“, кажува Планкет..