Фотографија од Старата железничка станица наградена на Европските денови на културното наследство

Четиринаесетгодишната Ива Ангеловска од Скопје е една од десетте млади автори наградени на повикот на Европските денови на културното наследство. Нејзината фотографија е селектирана помеѓу стотиците креации на млади луѓе од дванаесет европски земји.

На фотографијата насловена „Трагедијата го запира времето. Хуманоста го придвижува“ е претставена Старата железничка станица во Скопје, како сведоштво за катастрофалниот земјотрес во 1963 година.

Фотографијата е проследена со сторијата на Ива за хуманост и солидарност на луѓето од целиот свет и нивната несебична помош во повторната изградба на нашиот главен град.

Македонија учествуваше во овој проект на Европските денови на културното наследство, така што за авторите на селектираните креации беше организирана посета на Стразбур, која што се одржа од 1 до 3 декмври 2019 година.

Годинава државата учествуваше и во уште еден проект на Европските денови на културното наследство. На повикот за најуспешна европска приказна поврзана со наследството, проектот „Многу луѓе – многу погледи“ на Центарот за креативни индустрии – НЕБО од Демир Хисар беше помеѓу десетте селектрани приказни, за кои што беа доделени грантови во износ од по 10.000 евра.