Фотографија на Анита Палческа во музејот Лувр

Фотографијата на РАМ меморија, дело на Анита Палческа e една од фотографиите кои дигитално ќе бидат изложени во музејот Лувр во Париз. Промоцијата е најавена во рамки на доделувањето на наградата „Експозиција“ (Exposure Award) што ја доделува организацијата „See.me“.

Фотографијата на Палческа се натпреварува во категоријата „Мртва природа“ и претставува голем успех за македонсата аматерска фотографија со оглед на тоа што е избрана меѓу илјадници фотографии кои се пријавени за натпреварувањето.

На натпреварот учествуваат фотографи, професионалци и аматери од 191 земја од светот, чии фотографии беа избрани преку онлајн гласање на интернет-страницата на „See.me“ која е интернет организација за уметност со седиште во Њујорк, специјализирана во обезбедување онлајн профили кои креативците можат да ги користат за да ја покажат, да ја промовираат и да добијат поддршка за својата работа.

„Exposure Award“ се доделува веќе пет години и претставува глобално славење на фотографијата, со награден фонд од 75 илјади долари. За наградата се пријавуваат фотографи од целиот свет, а жирито од десетици илјади фотографии избира помал број кои годинава дигитално ќе бидат изложени во музејот Лувр во Париз. Од изложените фотографии се избираат победниците кои се поделени во неколку категории.