[Фотогалерија] „Населбата да ми мириса, а не да смрди“ – деца замижаа за поголема еко-свест кај граѓаните

„Оној кој го фрла ѓубрето во контејнер треба да биде претседател на Македонија“, замислува малиот Иван, „Наместо тросед, во Вардар да видам лотосови цветови“, мисли Јована, додека тригодишната Доротеа, со рацете ставени на очите фантазира – „Населбата да ми мириса, а не да смрди“.

Овие детски пораки се дел од 25-те фотографии објавени на фејсбук-страницата на Буден Театар, како дел од кампањата „Мижи! Замисли промена“. Целта на кампањата е да ги поттикне децата и возрасните активно да се вклучат во мапирање на еколошките проблеми и да „замислат“ можни решенија за почист и поубав град.

Иван: “Оној кој го фрла ѓубрето во контејнер треба да биде претседател на Р. Македонија.”
Локација: Бул.Србија, Ново Лисиче

Доротеа (3 г.): „Населбата да ми мириса, а не да смрди.“ Локација: Ново Лисиче

Вивиен (4 г.): „Фонтаната да прскa вода во шарена боја.“ Локација: Универзална сала

Нил (4 г.) ни порачува: „Сите да чистиме се!“
Локација: Куршумли Ан

Мила (11 г.) „ЈП „Комунална хигиена“ конечно да почне да си ја врши својата работа како треба.”
Локација: Автобуската постојка на 5-ка во Капиштец

Јована: „Наместо тросед, во Вардар да видам лотосови цветови.” Локација: Кеј на река Вардар

Најдобрите 10 фотографии, со испишаните детски замисли за промена, ќе бидат изложени на фреквентна локација во Скопје и ќе бидат дел од промотивната кампања на Меѓународниот фестивал за детски театар ФЕНЕР.

Во рамките на фестивалот ФЕНЕР ќе бидат организирани 3 еколошки акции со кои ќе се оствари промената која е замислена од страна на децата. Буден Театар го задржува правото да ги одбере трите фотографии и идеи според кои ќе ги реализира овие акции, во однос на она што во моментот е остварливо.

Целата фотогалерија може да ја најдете на следниов фејсбук ЛИНК.