Околу стотина граѓани и активисти за права на животните почнаа да се собираат пред домот на човекот кој вчера пред кафулето „Радио Бар“ со секира уби куче.
„Убиец! Убиец!“ и „Монструм“, громогласно се извикува пред домот на улица „Пиринска“, кого го чуваат и полицајци. Некои од присутните се дојдени со своите миленици, а се свирка и со свирчиња. На вратата од гаражата, под знакот од дуќанот „Липски“, се уште стои написот „Убиец“, кој остана после собирот изминатата ноќ.
Ова е втор протест во Дебар Маало од вчера, откако на социјалните медиуми беше објавено видео и фотографии на кои се гледа убиеното куче и човекот со секира, кој објаснува дека го убил животното бидејќи го нападнало и многу лаело.
Човекот што закла куче синоќа беше приведен, но како што велат активистите, веќе е пуштен да се врати во својот дом.
„Бараме најстрога казна за злосторникот, тој ќе биде гонет по повеќе основи. Според чл. 233 од Кривичниот законик на РМ: Тој што грубо злоупотребува животно или го изложува на непотребни маки или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година“, пишуваат од ЕДЕН – Здружение за заштита на животните и животната средина.
Кучето се викало Идриз, било локален миленик кој бил уредно вакциниран и третиран со соодветна книшка од ветеринар. Од ЕДЕН велат и дека Идриз чекал да биде вдомен затоа што истиот човек пред само една седмица го тепал на истата таа улица со метална шипка и се заканувал дека ќе го убие.