[Фото] Започна третото издание на фестивалот на нов европски филм „Beach film festival“

На отворено небо, веднаш до водите на Охридското Езеро вчеравечер започна третото издание на фестивалот на нов европски филм „Beach Film Festival“, кое годинава се одржува на нова локација, на плажата „Св. Стефан“.

Љубителите на филмот, на првиот ден од фестивалот имаа можност да го проследат разговорот со младиот актер Тино Костадиновски. Веднаш потоа следуваше и проекција на филмот „Сплавот“, а вечерта беа прикажани и неколку кратки студентски филмови.

Програмата за овогодишното издание

За денеска, меѓудругото, од 20 часот се најавени блок краткометражни филмови, а потоа ќе биде проектиран и филмот „Прозорец кон морето“. Во меѓувреме, на бродот Армада ќе биде прикажан филмот „Асиметрија“, а овој настан, како што наведуваат организаторите, ќе можат да го проследат само тие што имаат покани.

Влезниците за фестивалот се пуштени во продажба по цена од 100 денари и можат да се купат онлајн на сервисот „Купи карти за се“.

Оваа година, фестивалот ќе трае се до 26 јули, а на него освен проекции на филмови и разговори, најавена е и работилница за актерска игра.