[Фото] Започна реконструкцијата на кејот „13 Ноември“ во Скопје

На потегот од градскиот плоштад до улицата „Стив Наумов“, денеска Град Скопје почна со партерно уредување на кејот „13 Ноември“, на кој ќе се уреди површина од околу 12.500 квадратни метри која концептуално ќе се поврзе со околните објекти, информираат од Град Скопје.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов посочи дека проектот е во вредност од 88.6 милиони денари, средства кои се обезбедени од буџетот на Град Скопје. Истовремено, тој рече дека на просторот, меѓудругото, се предвидува целосно ново поплочување, патека за лица со инвалидитет, дрворед, рефлектори за осветлување, како и електрични столбови за реализација на забраната за паркирање и движење по кејот.

„Ослободуваме повеќе место за велосипедистите и пешаците преку целосно спречување на можноста за нелегално паркирање на овој простор и сериозно ограничување на протокот на возила, имајќи предвид дека Градот има обврска кон Телеком. Оваа
сервисна улица ќе може да ја користат ограничен број возила, во временски интервали исклучиво од 8 до 9 часот наутро и од 14 до 17 часот, времето кога вработените влегуваат и излегуваат“, рече Шилегов на денешната прес-конференција.

На кејот, како што рече тој, ќе се создаде доволно простор за сите корисници, односно за граѓаните кои го користат за прошетки, одмор и релаксација, но и за бизнисите кои во најголем дел се угостителски објекти. Оттука, тој посочи дека терасите кои ги користат ќе бидат унифицирани и поставени на начин кој ќе овозможи да дојде до израз двојниот дрворед од повеќегодишни развиени дрвја.

„Дотурот на роба ќе се овозможи исклучиво во одредени часови преку Градскиот трговски центар, а со велосипеди преку кејот. Со тоа, конечно ставаме ред на овој простор, го спречуваме самоволието и хаосот од непрописно паркирани возила кои последните десетина години го правеше небезбедно движењето на пешаците, но и работењето на угостителските објекти. Среќен сум што за неколку месеци од сега, рокот за изведување на работите е четири месеци, во текот на летната сезона кејот ’13 Ноември’, гордоста на нашиот град, повторно ќе биде преполн со сограѓани кои ќе се чувствуваат пријатно и ќе уживаат во благодетите и функционалноста што ќе ги нуди најубавиот јавен простор во Скопје“, нагласи Шилегов.

Според премиерот Зоран Заев, проектот за кејот, на Скопје ќе му го даде обележјето што го има секој поголем европски град кој се развива покрај река и во кој бреговите се негуваат како јавни површини на кои првенствено место имаат граѓаните, зеленилото и непречената комуникација со сите други содржини на градот.

„Мене ми е особено значајно што предностите на оваа реконструкција ги прифатија и сопствениците на угостителските локали на кејот и што лично ќе направат демонтажа на летните тераси за да се овозможи непречено извршување на работите. Тоа ми потврдува дека и тие, како и сите граѓани на Скопје и градските власти ја препознаа дополнителната вредност на овој проект“, рече Заев.

Тој исто така посочи дека пандемијата со Ковид-19 нѐ научила колку се значајни слободните јавни простори облагородени со зеленило, за да се овозможи слободно движење на луѓето во здрави животни средини.

„За мене и за Владата е битно тоа што ќе ослободиме уште еден дел од јавните површини кои беа окупирани од ‘Скопје 2014’ особено по должината на кејот на Вардар и што ќе се ослободи влезот од северната страна на Градскиот трговски центар, еден од најпрепознатливите маркери на градот Скопје“, додаде Заев.