[Фото] Заловена Нарсиса во Маврово – ќе се следи уште еден балкански рис

Во Националниот парк Маврово деновие е заловен нов женски балкански рис.

„На 12 февруари тимот рисаџии од Македонското еколошко друштво (МЕД) со помош на кафез-замка залови нова единка од реткиот балкански рис во месноста Буковиќ, близу Стража. Eдинката е здрава женка, веројатно на возраст од 2–3 години, тешка 15 kg“, информираат од Македонското еколошко друштво.

Ова е втора рисица по Маја што ќе носи околувратник и ќе биде пратена со методот на радиотелеметрија и GPS-следење.

Рисицата претходно била снимена лани на истиот локалитет со помош на фотозамки.

„Таа засега е во добра состојба, а тоа го потврдуваат и првите лоцирања со помош на GPS-сигнал, кои ни го открија и нејзиниот прв плен по обележувањето – срндак уловен пред 4–5 дена“, велат од МЕД.

Како што дознава Радио МОФ, нејзиното име е Нарсиса.

Таа е заловена со помош на локални ловџии од Здружението „Сокол-З“, со кое биолозите соработуваат веќе 4 години.