[Фото] Заловена Aтиџе – третата рисица што доби околувратник за научни цели

Македонското еколошко друштво (МЕД) со ГПС околувратник означи нова единка – балкански рис близу селото Ничпур, во НП „Маврово“.

Според МЕД, се работи за здрава женка тешка 14,5 килограми, а стара околу 10 години. Рисицата се вика Атиџе и е трета женка по Нарциса и Лиса.

„Како и сите рисови досега, и таа носи околувратник и ни испраќа локации за своето движење. Утврдивме плен и сега сме сигурни дека Атиџе е добро и успешно се справува со сите предизвици“, соопштија од МЕД.

Тимот за рисот со новозаловената рисица, фото: МЕД

Од таму посочуваат на интересна игра на околности – рисицата Атиџе е обележана пред еден месец, истиот ден кога пред 10 години околувратник доби и Марко, првиот рис заловен за научни цели.

„И ова е десетта единка за овие десет години. Убаво заокружување на досегашните теренски активности поврзани со периодот на телеметрија. Според нашите долгогодишни истражувања на Балканот се проценува дека има уште 40 возрасни единки на балкански рис, којшто според Меѓународната унија за зачувување на природа (IUCN) е животно со критично загрозен статус“, велат од МЕД.

Атиџе при постапка за ставање околувратник, фото: МЕД

Инаку, Атиџе првпат ја имаат забележано на слика од камера замка во 2013 година, и тогаш едноставно ја воделе во архива како Б11.

„Сепак, мислиме дека името Атиџе подобро и стои. Се гордееме со нашиот тим и ја поздравуваме плодната соработка со пријателите од НП ‘Маврово’! Иако сакаме нови терени, посебно на априлскиот снег, засега седиме дома и будно ја следиме ситуацијата. Останете дома и следете нѐ со новости!“, соопштуваат од МЕД.